Советот на странски инвеститори изрази задоволство од вчерашното донесување на измените на Законот за царинска тарифа, со кои дополнително ќе се редуцираат царинските стапки за 70 артикли, кои се користат како сировини, репроматеријали и компоненти во преработувачката индустрија.
Ова намалување на царините претставува синхронизација со стапките што се применуваат во Европската Унија.
Во изминатиот период, Советот на странски инвеститори ја истакнуваше потребата од усогласување на царинските стапки за најприоритетните суровини и репроматеријали употребувани во преработувачката индустрија. Воедно, беше посочена потребата од дополнување на домашната царинска тарифа со нови тарифни ознаки и царински стапки што се во сила на ниво на ЕУ.
Усогласувањето на царинските стапки со европските ќе доведе до зголемување на конкурентноста на домашните и меѓународните компании што извезуваат на глобалните пазари, како и до пораст на македонскиот извоз во целина.
Донесените измени на Законот за царинска тарифа се продолжение на законските промени од минатата година, кога од 1 јули 2025 година беше реализирано намалување на царинските стапки до 50 % во споредба со стапките што се применуваат во Европската Унија.
Со цел да се зајакнат конкурентноста и извозниот капацитет на компаниите, Советот на странски инвеститори ја поддржува Владата и ја охрабрува да продолжи со процесот на усогласување на царинските стапки, како и со склучување договори за слободна трговија со други држави.












