
Во време кога Москва и Киев ги засилуваат меѓусебните напади, една изјава на рускиот претседател, Владимир Путин, дадена пред новинарите изминатиот викенд, по прославата на Денот на победата, го сврти вниманието на многумина и покрена лавина од шпекулации околу тоа што сакал да каже.
– Мислам дека работата се ближи кон крајот – рече тој, зборувајќи за војната во Украина, која трае веќе пет години.
Подоцна Кремљ го повтори своето тврдење дека војната во Украина е речиси завршена, иако украинскиот претседател, Володимир Зеленски, предупредува дека Москва нема намера да ја заврши војната и дека Киев се подготвува за понатамошни руски напади и акции, како што објави „Ројтерс“.
Замолен да ги коментира забелешките на Путин, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека е завршен еден дел од трилатералната работа со Украина и САД за постигнување договор.
– Тие подготвени темели во однос на мировниот процес ни дозволуваат да кажеме дека навистина се приближува крајот – им рече Песков на новинарите, додавајќи дека е тешко да се дадат конкретни детали во овој момент.
Британски „Гардијан“ ја анализира изненадувачката изјава на Путин и понуди пет причини за тоа зошто тој, можеби, сака да заврши војната во овој момент. Како прво, наведува весникот, Русија го губи замавот на бојното поле: ако до 2023 година напредуваше во освојувањето украинска територија, сега Украина почна да си ја враќа. Како друга клучна поента, се наведуваат руските загуби, кои би можеле да го надминат бројот на нови војници. За трета можна причина се сметаат украинските напади врз рафинериите, кои ја изложуваат Русија на пад на приходите од нафта, кои почнаа да растат поради војната на Блискиот Исток. Четвртиот клучен момент, како што пишува „Гардијан“, е дека Украина станува суперсила во областа на ракетите и беспилотните летала, кои почна и да ги извезува. Како петта причина се наведува тоа што Путин, можеби, се надева дека ќе го разбуди интересот на Белата куќа за неговата војна, односно верува дека може да го убеди Трамп да го принуди Зеленски да се откаже од остатокот од регионот Донецк за да го надомести застојот во напредокот на фронтот.
Сепак, и покрај коментарите на Путин дадени изминатиот викенд, нема знаци дека омекнале максималистичките барања на Русија. И „Њујорк тајмс“ наведува дека рускиот лидер, можеби, почувствувал потреба да испрати порака затоа што, од една страна, го признава незадоволството на домашната јавност, но истовремено не дава знаци дека може да се откаже од своите барања.











