понеделник, јуни 15, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Нафта, нуклеарна програма и Либан: Што крие договорот меѓу САД и Иран?

Нафта, нуклеарна програма и Либан: Што крие договорот меѓу САД и Иран?

176
EPA/ABEDIN TAHERKENAREH

САД и Иран објавија рамковен мировен договор што треба да ја запре војната и да отвори пат за нови преговори. Доналд Трамп и претставниците во Техеран изјавија дека веднаш ќе престанат непријателствата, но клучните детали од договорот сè уште се непознати.

Иранските медиуми објавија дека нацрт-договорот содржи 14 точки. Меѓу најважните одредби се трајно прекинување на огнот на сите фронтови, обврска на САД да не се мешаат во внатрешните работи на Иран, укинување на поморската блокада и повторно отворање на Хормускиот Проток во рок од 30 дена. Исто така, се споменува за повлекување на американските сили од регионот, укинување на санкциите за извоз на иранска нафта и за план за обнова на иранската економија во вредност од најмалку 300 милијарди долари.

Според „Гардијан“, пак, конечниот текст на меморандумот за разбирање не е објавен, а најважните прашања остануваат отворени: под кои услови ќе се отвори повторно Хормускиот Проток, дали договорот го опфаќа и Либан и што ќе се случи со нуклеарната програма на Иран.

Трамп објави за отворањето на Хормускиот Проток и за укинувањето на американската поморска блокада, велејќи дека нафтата повторно треба да тече низ регионот. Сепак, тој брзо разјасни дека отворањето на овој клучен воден пат, низ кој минува голем дел од светската трговија со нафта и со гас, треба да следува по формалното потпишување на договорот.

Пакистанскиот премиер, Шехбаз Шариф, кој посредуваше во разговорите, не го спомена конкретно Хормуз во својата првична изјава. Иранската новинска агенција „Мехр“ соопшти дека меморандумот бара повторно да се отвори протокот во рок од 30 дена, но „според иранските договори“.

САД инсистираат дека пловидбата мора да биде слободна и без наплата, а Велика Британија, Франција, Германија и Италија порачаа дека отворањето на протокот мора да биде безусловно и со неограничена слобода на пловидба.

И покрај неизвесноста, пазарите веднаш реагираа. Цените на нафтата паднаа, а европските акции пораснаа, бидејќи инвеститорите очекуваат кризата да се смири. Сепак, останува прашањето дали бродските компании и осигурителите ќе го сметаат преминот за доволно безбеден, особено по месеците тензии и нападите врз енергетската инфраструктура во регионот.

Едно од најчувствителните прашања е Либан. Иранските претставници тврдат дека договорот значи траен прекин на воените операции на сите фронтови, вклучително и Либан. И пакистанскиот премиер, дејствувајќи како медијатор, објави дека двете страни го прифаќаат прекинот на операциите „на сите фронтови“.

Трамп, сепак, не го спомена Либан во своите првични изјави, фокусирајќи се речиси исклучиво на Хормускиот Проток.

Ова може да претставува проблем за Израел, кој не беше вклучен во разговорите меѓу САД и Иран. Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, има свои политички и безбедносни причини за продолжување на притисокот врз Иран и неговите сојузници, особено Хезболах во Либан.

Новиот договор меѓу САД и Иран предизвика силни политички реакции во Израел, при што опозициските лидери го обвинија премиерот Бенјамин Нетанјаху за тежок дипломатски и безбедносен неуспех и за меѓународна изолација на земјата.

Според „Гардијан“, претходната презентација на договорот беше одложена по израелскиот напад врз Бејрут, во кој беше погодена зграда во јужните предградија на либанскиот главен град. Секој нов израелски напад во Либан би можел да го загрози кревкиот американско-ирански договор.

Иако беше претставен договорот како голем дипломатски пробив, судбината на нуклеарната програма на Иран не е решена. Оваа програма беше едно од главните оправдувања што ги користеше Трамп за војната против Иран.

Американскиот претседател повтори дека Иран „никогаш нема да има нуклеарно оружје“, но пакистанските власти рекоа дека ќе продолжат нуклеарните преговори во следните 60 дена. Европските земји порачаа дека се подготвени да укинат некои санкции доколку Иран преземе јасни и проверливи чекори во врска со својата нуклеарна програма. Од друга страна, Иран со години инсистира дека неговата нуклеарна програма е исклучиво мирновременска. Техеран јавно не се обврзал да се откаже од своите резерви на збогатен ураниум, што, веројатно, ќе биде едно од клучните прашања во тековните преговори.

Трамп е под дополнителен политички притисок, бидејќи во текот на својот прв мандат ги повлече САД од нуклеарниот договор со Иран од 2015 година, кој беше постигнат во текот на администрацијата на Барак Обама. Тој договор ги укина санкциите врз Иран во замена за ограничувања на неговата нуклеарна програма и меѓународни инспекции.

Се очекува Трамп сега да постигне „подобар договор“ од оној што го напушти. Договорот постои, но мирот сè уште не е гарантиран. Сè што е јасно е дека САД и Иран објавија рамковен договор и најавија продолжување на преговорите. Сепак, не е јасно кој ќе го контролира отворањето на Хормускиот Проток, дали прекинот на огнот, всушност, го вклучува и Либан и каков ќе биде конечниот договор за нуклеарната програма на Иран. Засега, овој договор може да се смета повеќе како дипломатска пауза отколку како завршен мировен процес.

ИЗДВОЕНИ