Управата за јавни приходи (УЈП) информира дека во законскиот рок, заклучно со 30 април 2026 година, успешно го завршила процесот на генерирање на годишните даночни пријави за остварениот доход во 2025 година. Вкупно се изготвени 862.896 пријави, кои веќе се достапни за увид на граѓаните.

Од УЈП посочуваат дека сите даночни обврзници ќе бидат известени преку лична порака на нивниот профил на системот „е-Даночни услуги“ или преку електронската пошта регистрирана во системот „МојДДВ“.

Согласно законските прописи, секое физичко лице кое во текот на 2025 година остварило доход има обврска да ја провери својата годишна даночна пријава. Доколку податоците се точни, потребно е да се потврди пријавата, а во спротивно, граѓаните треба да ја дополнат или коригираат доколку забележат неточности или недостасувачки податоци.

Од Управата апелираат граѓаните најдоцна до 31 мај 2026 година да направат увид во своите пријави преку електронскиот систем. По истекот на овој рок, сите непотврдени или некоригирани пријави ќе се сметаат за конечни.

Во случаите кога граѓаните направиле корекции, тие ќе бидат предмет на проверка и одобрување од страна на службено лице во УЈП. Доколку коригираната пријава не биде одобрена, институцијата ќе донесе решение за утврдување на данокот на личен доход.

Граѓаните кај кои е утврден повеќе платен данок имаат можност да побараат враќање на средствата директно преку пријавата, со внесување на трансакциска сметка. Од друга страна, за оние со обврска за доплата, по истекот на рокот ќе биде генериран налог за плаќање.

Од УЈП потенцираат дека податоците од годишните даночни пријави се користат и за издавање уверенија за остварен доход, како и за доставување информации до други институции кои одлучуваат за правата на граѓаните.

Дополнително, граѓаните кои во 2025 година оствариле приход над 2 милиони денари по одредени основи, како изнајмување деловен простор или вршење услуги, имаат обврска да се регистрираат за ДДВ. Во спротивно, УЈП може да ги регистрира по службена должност.

За сите дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат до Контакт центарот на УЈП или преку официјалната електронска адреса на институцијата.

ИЗДВОЕНИ