вторник, септември 1, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Приведени сите учесници во инцидентот во Чаир, малолетник се бори за живот

Приведени сите учесници во инцидентот во Чаир, малолетник се бори за живот

0

Тринаесетгодишно момче се бори за живот откако ноќта во понеделникот, во тепачка меѓу малолетници во скопски Чаир, било прободено со нож во градите. Тепачката се случила околу 22 часот, а во пресметката, според полицијата, биле употребени ножеви, пендреци и бејзбол палки. Во крвавата пресметка биле повредени тројца, а најтешко е повреден 13-годишникот, кој според министерот за здравство, Сашо Клековски, има убодна рана во пределот на срцето и се наоѓа во критична состојба.

„Момче на возраст од 13 години има убод со нож во пределот на срцето и е во многу тешка критична состојба. Нашите мисли се со него, но медицината нема многу што може да направи“, изјави Клековски.

Според информациите од МВР, тепачката настанала меѓу две групи млади лица. Во едната група биле 19-годишниот Б. И. и 13-годишникот, а во другата 19-годишниот И. З., уште еден 13-годишник и 16-годишник. Сите се од Скопје.

Полицијата првично привела двајца од учесниците – 19-годишниот Б. И. и 13-годишникот. Според МВР, токму 13-годишникот од првата група со нож им нанел убодни рани на тројцата од спротивната група. Тешки телесни повреди добиле 19-годишниот И. З. и 13-годишникот, додека 16-годишникот поминал со телесни повреди.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, соопшти дека полицијата ги обезбедила сите петмина учесници во инцидентот.

„Едно лице моментално е во многу тешка здравствена состојба, се бори за живот. Станува збор за малолетник, а согласно со првичните информации добиени од службите во Министерството, и оној што го врши кривичното дело, е исто така малолетник. Детето со тешки телесни повреди и детето што ги нанесува се иста генерација, родени 2012 година“, изјави Тошковски.

Повредените по инцидентот биле префрлени во старата градска болница „Св. Наум Охридски“. Директорот Небојша Настов информираше дека двајцата пациенти кои биле згрижени таму се стабилни. Деветнаесетгодишникот е задржан на интензивна нега поради повреди во градниот кош и на рацете, додека малолетникот е префрлен на одделение.

„Стабилни се двајцата. Еден е веќе префрлен на одделение, а 19-годишниот е на одделот за интензивна нега и има повреди во граден кош и на раце“, изјави Настов.

Полициските екипи извршиле увид на местото на настанот, при што како доказен материјал биле одземени три ножа, еден пендрек и други предмети поврзани со тепачката. Од МВР најавија дека по целосното документирање на случајот до Основното јавно обвинителство Скопје ќе биде поднесена соодветна кривична пријава. Случајот повторно го отвори прашањето за насилството меѓу малолетниците и потребата од поширок институционален одговор. Тошковски оцени дека станува збор за еден од најсериозните предизвици со кои се соочува општеството.

„Станува збор за сторување ужасно насилни кривични дела од страна на малолетници каде што кривично-правниот општествен одговор е многу поинаков отколку кога станува збор за одговор насочен спрема полнолетни лица. Овде мораме, како општество, малку подлабоко да навлеземе и мора да има поширок институционален одговор – и од страна на надлежните министерства, и од сите општествени чинители, од родителите, социјалните центри, МВР, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за образование, здравствените центри и Министерството за здравство“, порача Тошковски.

Тој оцени дека насилството меѓу малолетници не може да се третира само како полициски проблем, туку бара вклучување на повеќе институции и на семејствата. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ