„Националната безбедност не е само институционална обврска. Таа е одговорност кон државата, кон граѓаните и кон генерациите што доаѓаат. Нашата сила се луѓето, професионалците кои својата работа ја извршуваат посветено, дисциплинирано и со висок степен на интегритет, свесни дека голем дел од нивниот придонес никогаш нема да биде јавно видлив. Токму во тоа се состои големината на нивната служба кон државата“, истакна Директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, вчера на свечената академија по повод Денот на АНБ.
Свеченоста беше посветена на институционалниот развој на Агенцијата, нејзината улога во современиот систем на национална безбедност, но пред сè на професионалците кои секојдневно, далеку од очите на јавноста, ја извршуваат една од најодговорните задачи во државата, заштитата на националните интереси, уставниот поредок и безбедноста на граѓаните.
Посебен белег на свечениот настан даде премиерното прикажување на документарниот филм посветен на историјата и развојот на безбедносната служба од нејзините почетоци, преку клучните историски и институционални периоди, до современата Агенција за национална безбедност. Преку архивски материјали, сведоштва и пораки од домашни и меѓународни соработници и партнери, документарниот филм ја прикажа континуираната одговорност на безбедносната служба во заштитата на државата, но и нејзината трансформација во согласност со современите безбедносни предизвици и стандарди.
Во своето обраќање, Директорот ги најави и следните значајни чекори во развојот на Агенцијата, меѓу кои формирањето на Центар за обука на АНБ, како системски механизам за континуирана едукација, професионално усовршување и создавање нови генерации високообучени безбедносни кадри.
„Безбедносните предизвици денес се менуваат со динамика каква што досега не сме познавале. Затоа силна служба не се гради само со технологија и ресурси, туку пред сè со знаење, аналитички капацитет и луѓе кои постојано се развиваат. Центарот за обука треба да биде инвестиција токму во најважниот ресурс – човекот, знаењето и идниот капацитет на македонскиот безбедносен систем“, – додаде Христовски. Додаде дека силна Агенција значи силен безбедносен систем. А силен безбедносен систем е еден од темелите на стабилна и сигурна држава.
Во рамки на свеченоста беше претставено и првото издание на публикацијата “Безбедносна проценка за 2027 година”, како стратешки документ на Агенцијата посветен на безбедносните предизвици со кои се соочува државата. Документот претставува систематизиран аналитички осврт на современото безбедносно опкружување, ризиците и тенденциите кои можат да имаат влијание врз националната безбедност, како и основа за натамошно јакнење на стратешката и аналитичката функција на институцијата. Со неговото објавување, Агенцијата воспоставува нова практика на стратешко согледување на безбедносното опкружување и создавање институционално знаење кое ќе придонесе кон навремено препознавање и разбирање на современите закани.
Одбележувањето на Денот на Агенцијата за национална безбедност испрати јасна порака за континуитет, професионалност и развој, дека заштитата на државата бара силни институции, современи капацитети, стратешка визија и луѓе кои својата професионална должност ја ставаат во служба на националниот интерес.














