На Европа ѝ се заканува дефицит на авионско гориво во четвртиот квартал од 2026 година, поради што е принудена да се сврти кон далечни добавувачи како Јужна Кореја, покажува анализата заснована на податоци за поморскиот транспорт.
Консултантската куќа „Енерџи аспектс“ (Energy Aspects) предвидува дека Европа во четвртиот квартал од 2026 година ќе има дефицит на керозин од 510.000 барели дневно, додека истовремено во Азиско-пацифичкиот регион се очекува суфицит од 419.000 барели, а во Соединетите Американски Држави вишок од 18.000 барели дневно, пренесува Ројтерс.
Пред избувнувањето на војната на Блискиот Исток, Европа покриваше околу половина од својот увоз на авионско гориво од овој регион, а сега поради пореметувања во синџирите на снабдување е принудена да го зголеми увозот од Нигерија, Соединетите Американски Држави, Канада, а од неодамна и од Јужна Кореја.
Според податоците на аналитичката компанија Kpler, европскиот увоз на авионско гориво од Јужна Кореја во септември достигна околу 129.000 барели дневно, што е највисоко ниво од октомври 2022 година.
Јужна Кореја во јули произведе речиси 13,89 милиони барели авионско гориво, што е најмногу во последните седум години, додека извозот го достигна највисокото ниво во изминатите три и пол години.
Залихите на авионско гориво во главниот европски центар за преработување и складирање Амстердам-Ротердам-Антверпен во неделата што заврши на 10 септември истовремено паднаа на најниско ниво во последните седум години, што дополнително ја влошува ситуацијата на пазарот.












