Атлетико Мадрид го доби големото градско дерби против Реал со 2:1 на „Метрополитано“, но по натпреварот, во центарот на вниманието се најде Жозе Мурињо. Тренерот на „Кралскиот клуб“ не можеше да се помири со поразот, а најголеми критики упати кон судиите и судиската комисија.
Мурињо, на прес-конференцијата, направи потег кој веднаш предизвика огромно внимание – со себе донесе фотографии од спорните ситуации од првото полувреме. Португалецот смета дека во неколку ситуации играчите на Атлетико заслужиле директни црвени картони.
- Пред сè, многу е чудно што уште пред неколку недели се појавија информации дека токму овој судија е одреден за натпреварот, изјави Мурињо.
Тој продолжи со критиките кон начинот на кој биле делегирани судиите за дербито.
- Тие ја избраа токму оваа комбинација на службени лица – главниот судија и оној во ВАР-собата. Постојано се појавуваат чудни приказни поврзани со Реал, додаде тренерот.
Мурињо потоа направи поширок осврт на спорните судиски одлуки од изминатите недели во Ла Лига.
- Поништија чист гол на Осасуна против Атлетико. Досудија смешен пенал за Атлетико во Сан Себастијан. Досудија смешен пенал за Барселона, рече тој.
Португалецот посочи и на натпреварот на Барселона против Атлетик Билбао, каде што, според него, не бил покажан чист црвен картон.
- Против Елче, двајца нивни играчи требаше да бидат исклучени. Не се случи ништо. Истото ни се случи и нам денес, продолжи Мурињо.
Најголемиот гнев го насочи кон ситуациите во дербито со Атлетико.
- Двајца играчи на Атлетико требаше да добијат црвени картони. Само дозволете ни да играме, порача Мурињо.
Натпреварот дополнително се искомплицира за Реал во 50. минута, кога Хујсен доби црвен картон и неговиот тим остана со десетмина на теренот. Сите три гола на дербито беа постигнати откако Реал остана со играч помалку, што дополнително ја засили дебатата околу судењето.
По бурната прес-конференција на Мурињо, свој коментар даде и тренерот на Атлетико, Диего Симеоне. Аргентинецот не сакаше да навлегува подлабоко во судиските одлуки, но испрати порака дека тренерите мора да внимаваат што зборуваат.
- Кој и да зборува – било да сум јас, Мурињо, Ханси Флик или Мануел Пелегрини – мораме да внимаваме што кажуваме. Кога ќе се премине границата на почитување, без разлика кој сте, тоа не е во ред. Таа граница не смее да се премине, истакна Симеоне.
Симеоне сакаше фокусот да биде ставен на она што неговиот тим го направил на теренот.
- Гледавме одличен натпревар. Се браневме многу добро против тим што игра одличен фудбал. Ја контролиравме играта додека силите на теренот беа израмнети, а продолживме да ја контролираме и кога имавме бројчена предност, додаде Симеоне.
По вториот пораз во сезоната, Реал веќе заостанува шест бода зад Барселона. „Кралскиот клуб“ падна на третото место, додека Атлетико со победата го прескокна Реал и сега има еден бод повеќе.
Дербито заврши со победа на Атлетико од 2:1, но наместо резултатот, најмногу се зборува за фотографиите на Мурињо, неговите обвинувања кон судиите и острата реакција на Симеоне.











