| Владата нема да отвора прашање за уставни измени без јасни гаранции и предвидлив европски пат, е пораката што ја испрати шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски, откако евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас, претходно повика на политичко обединување во земјава, со цел да се исполни договореното од 2022 година и да се отворат преговорите со Унијата. Муцунски практично појасни дека недостига доверба во односите со Бугарија, но и кредибилитет во исполнувањето на обврските од ЕУ кон земјава. Министерот уверува дека земјава останува посветена на европските вредности и реформите, но јасна е пораката дека нема да се прават нови политички отстапки без конкретни гаранции
|
Нема услови за уставни измени во актуелните политички околности, одлучен е шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, откако евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас, претходно повика на политичко обединување во земјава, со цел да се исполни договореното од 2022 година и да се отворат преговорите со Унијата. Муцунски вчера истакна дека недостигаат доверба и кредибилитет во целиот процес, без да прецизира дали мисли на Бугарија во однос на довербата и на ЕУ во однос на некредибилноста во испораката. Ставот на официјално Скопје е јасен – државата не може повторно да влегува во чувствителни политички отстапки без јасна и кредибилна европска перспектива.
– Во однос на билатералните односи со Бугарија, сакам да бидам кристално јасен. Во овој контекст, нашата држава не е подготвена за уставни измени. Има недостиг на доверба и недостиг на кредибилитет во однос на испораката кон нас како држава, така што, во овој момент, нема услови за уставни измени и Владата не е подготвена да преземе каков било чекор кон уставни измени, беше категоричен министерот за надворешни работи и надворешна трговија.
Муцунски уверува дека земјава останува посветена на реформската агенда и на европските вредности, без оглед на моменталните пречки, како и на заедничката надворешна и безбедносна политика со Унијата. Муцунски нагласи дека Македонија е секогаш отворена за дијалог, но смета дека таква волја недостига кај соседот.
– Она што можам да ви го кажам е дека ние секогаш сме биле подготвени за дијалог, и сега сме подготвени за тоа. Недостиг за волја за таков дијалог имаше од страна на соседна Бугарија при постоењето на една претходна политичка влада. Јас се надевам дека има свест во Софија оти европската перспектива за нашата држава е значајна за целиот регион, истакна македонскиот министер.
Неговиот искажан став се совпадна со моментумот кога во Софија беше најавено дека бугарската претседателка, Илијана Јотова, ќе го врачи мандатот за состав на влада на „Прогресивна Бугарија“, чиј лидер е поранешниот претседател Румен Радев, кој претходно ја напушти претседателската функција за да влезе во парламентарната трка.
Изјавата на шефот на македонската дипломатија следува откако евроамбасадорот Рокас испрати порака дека земјава припаѓа на европското семејство и е поблиску до членство во Европска Унија отколку што често се перципира, но повика на политичко обединување во земјава за да се направи последниот одлучувачки чекор напред за старт на преговорите со ЕУ, односно да се усвојат уставните измени. Рокас уверува дека за земјава е веќе одлучено во 2022 година, кога беше постигнат договор, кој според него, ако се имплементира, ќе овозможи земјава да биде водечки кандидат пред сите други кандидати, особено поради фактот што Македонија не преговара со ЕУ.
– А сите знаеме колку е значајно да почнат преговорите, затоа што кога ќе ги почнете преговорите, тоа го менува моментумот. Ако се уште сметате дека има пречка за вашето пристапување, напорите што се прават за да се реши тоа се бавни, постојат и сомневања, затоа треба да направиме пробив. Проширувањето е политичка одлука, патот напред, исто така, е политичка одлука, но би рекол дека треба да сфатиме дека времињата значајно се променија. Живееме во ера кога меѓународниот систем базиран на владеење на правото е уништен и кога долгорочните пријателства се ставени под прашање. Така што нема сомневање дека ЕУ треба да одговори на овие предизвици, ставајќи силен акцент на проширувањето, и нема да дозволиме да има црни дупки на европскиот континент, рече евроамбасадорот Рокас.
Евроамбасадорот нагласи дека ЕУ останува најзначаен економски и политички партнер на земјава, со силна поддршка преку инвестиции, програми и фондови. Рокас рече дека и покрај разочарувањата во изминатите години, постои реална шанса за напредок, нагласувајќи дека треба да се имплементираат договорените реформи од 2022 година и се почнат пристапните преговори, што би го променило целиот процес и би ја забрзало интеграцијата. (В. С. Н.)












