четврток, ноември 19, 2026
Дома МАГАЗИН Мозочниот удар кај жените може да изгледа поинаку: Икањето е еден од...

Мозочниот удар кај жените може да изгледа поинаку: Икањето е еден од атипичните симптоми

0

Симптомите на мозочен удар кај жените можат да вклучуваат добро познати знаци за предупредување, како што се ненадејно спуштање на едната страна од лицето и тешкотии во говорот, но можат да опфатат и помалку очигледни симптоми, како што се гадење, збунетост и слабост.

Овие симптоми лесно можат да се помешаат со стрес, исцрпеност или други помали здравствени тегоби, што може да доведе до одложување на итната медицинска помош која спасува живот.

Класични знаци на мозочен удар
Мозочниот удар настанува кога згрутчување на крвта или крварење во мозокот го спречува дотокот на доволно крв до мозочното ткиво.

Симптомите може да варираат во зависност од тоа кој дел од мозокот е зафатен.

Најдобриот начин да ги запомните класичните знаци на мозочен удар е преку акронимот BE FAST:

B – Balance (Рамнотежа): Обрнете внимание на ненадејна вртоглавица, губење на рамнотежата или тешкотии при одење.
E – Eyes (Очи): Внимавајте на ненадејни промени во видот, како што се заматен вид или губење на видот на едното или на двете очи.
F – Face (Лице): Проверете дали едната страна од лицето виси или изгледа искривено.
A – Arms (Раце): Проверете дали едната рака е слаба или паѓа надолу кога ќе се крене.
„Ова може да се манифестира како неможност за држење предмети, или како губење на чувството и нормалната сила во раката, ногата или дланката“, вели д-р Алексис Симпкинс, директор за истражување на мозочни удари при Одделот за неврологија во болницата „Сидарс-Синај“ (Cedars-Sinai) во Лос Анџелес.

S – Speech (Говор): Обрнете внимание на нејасен или затегнат говор, употреба на необични зборови, или тешкотии при зборувањето и разбирањето на другите.
T – Time (Време): Доколку се појави кој било од овие знаци, веднаш повикајте итна помош. Забележете кога започнале симптомите и не чекајте тие да се подобрат. Во случај на мозочен удар, од клучно значење е да се добие помош што е можно поскоро, за да се минимизира ризикот од долгорочни компликации и смрт.

„На моите пациенти им велам дека секоја акутна (ненадејна) промена што ќе ја забележат на своето тело – особено ако е изразена или зафаќа само една страна – треба да биде сигнал за итно барање медицинска помош“, вели д-р Амит Блумфилд, кардиолог во „Менхетен кардиологи“ (Manhattan Cardiology) во Њујорк.

„Кога станува збор за мозочен удар, подобро е да се преземат мерки на претпазливост отколку подоцна да се каете.“

Атипични знаци на мозочен удар кај жените
Иако и мажите и жените често ги доживуваат симптомите опишани преку акронимот BE FAST, кај жените може да се појават и атипични (невообичаени) знаци. „Повеќето жени што доживуваат мозочен удар ги имаат истите класични знаци како и мажите. Она што е специфично за жените е тоа што кај нив постои нешто поголема веројатност да се појават и симптоми кои воопшто не упатуваат на мозочен удар“, вели д-р Лили Џонстон, васкуларен хирург во клиниката „Скрипс“ (Scripps Clinic) во Сан Дијего.

Тие можат да вклучуваат:

гадење,
ненадејна збунетост, проблеми со помнењето или дезориентираност,
замор – исцрпеност,
силна главоболка,
икање,
недостиг на воздух – отежнато дишење,
забрзано чукање на срцето.
Не е сосема јасно зошто овие нетипични симптоми се јавуваат почесто кај жените.

Некои истражувања сугерираат дека, во просек, жените доживуваат мозочен удар пет години подоцна од мажите. Ова може да значи дека кај нив е поголема веројатноста веќе да постојат состојби поврзани со стареењето, како што се деменција или когнитивно опаѓање, што може да го отежне препознавањето на одредени нетипични знаци, вели д-р Блумфилд.

Исто така, кај жените постои поголема веројатност за мозочен удар предизвикан од атријална фибрилација – вид на нарушување на срцевиот ритам.

„Овие мозочни удари обично се пообемни, а поголемите мозочни удари почесто предизвикуваат збунетост или поспаност. Бременоста, неделите по породувањето, како и мигрената со аура, исто така носат свои специфични ризици; во овие случаи, мозочниот удар може да започне со главоболка, епилептичен напад или нарушувања на видот“, објаснува д-р Џонстон за *Everyday Health*.

Важно е да се имаат предвид периодите кога жените се поподложни на мозочен удар – како што се бременоста или периодот по менопаузата, доколку се прима естрогенска терапија – и во тие моменти да се биде особено внимателен за можните знаци на мозочен удар.

Сепак, можеби најголемиот предизвик е непрепознавањето на мозочните удари кај жените – како од страна на пошироката јавност, така и од страна на здравствените работници. Дури и кога се присутни типични симптоми, мозочниот удар кај жените почесто останува незабележан – не само од страна на семејството и пријателите, туку и од страна на персоналот во итната медицинска помош, вели д-р Џонстон:

– Ист таков образец гледаме и кај срцевите удари кај жените. Овој јаз во препознавањето претставува голем дел од проблемот.

Што да направите веднаш ако се сомневате на мозочен удар
Кога станува збор за третман на мозочен удар, времето е од клучно значење.

Лековите за разградување на згрутчувањата (тромбите) мора да се дадат во рок од три до четири и пол часа од појавата на симптомите, а процедурите за отстранување на згрутчувањата обично се изведуваат во рок од шест часа – иако кај одредени пациенти овој временски прозорец може да се продолжи до 24 часа. Токму затоа, секоја минута е важна.

ИЗДВОЕНИ