четврток, ноември 19, 2026
Дома БАЛКАН Турција го претстави својот нов воен адут: Испорачани првите „Кизилелма“, дронови што...

Турција го претстави својот нов воен адут: Испорачани првите „Кизилелма“, дронови што можат да соборуваат авиони

0
EPA/GEORGI LICOVSKI

Турската компанија „Бајкар“ (Baykar), водечки производител на беспилотни летала, објави дека ги испорачала првите три борбени беспилотни летала „Бајрактар ​​Кизилелма“ (Bayraktar Kizilelma) на турските безбедносни сили.

Испораката се случи речиси четири години по првиот пробен лет на леталото. Од компанијата тврдат дека „Кизилелма“ стана првото борбено беспилотно летало во светот што влегло во воена служба.

„Денес, на нашата нација ѝ предаваме еден сон што почнавме да го остваруваме пред 20 години“, соопштија од „Бајкар“ на турската платформа за социјални медиуми „НСосјал“ (NSosyal).

Развиен со сопствени ресурси на „Бајкар“, „Кизилелма“ е дизајниран за борба „воздух-воздух“, како и за напади врз цели на копно и на море. Во моментов се развива и верзија способна да оперира од бродови со кратки писти – како што се носачи на авиони или амфибиски јуришни бродови.

Леталото е долго 14,5 метри, има распон на крилјата од 10 метри и максимална тежина при полетување од 8,5 тони.

Според производителот, „Кизилелма“ може да достигне максимална брзина од 0,9 Мах (што одговара на 90 отсто од брзината на звукот) и да остане во воздух повеќе од три часа.

Од првиот лет до автономни операции во формација

Проектот „Кизилелма“ беше обелоденет во 2021 година, а прототипот ѝ беше претставен на јавноста следната година на фестивалот за авијација и технологија „ТЕКНОФЕСТ“ (TEKNOFEST) во турскиот град Самсун. Првиот лет се случи на 14 декември 2022 година, кога леталото помина 18 минути во воздух над тест-центарот на „Бајкар“ во Чорлу, во северозападна Турција.

Во април 2023 година, за време на тестирањата, „Кизилелма“ леташе во блиска формација со беспилотното летало „Бајрактар ​​Акинџи“ (Bayraktar Akıncı). Ваквиот лет подоцна беше повторен и пред публиката на фестивалот „ТЕКНОФЕСТ“ во Истанбул. Еден од најзначајните моменти во развојот на ова летало се случи на 29 ноември 2025 година, кога „Кизилелма“ (Kizilelma), користејќи ја турската ракета „Гокдоган“ (Gökdoğan) од типот „воздух-воздух“, погоди воздушна цел со млазен погон за време на тестирање над Црното Море, во близина на Синоп.

Веќе следниот месец, два прототипа на „Кизилелма“ изведоа автономен лет во блиска формација над Чорлу.

Од компанијата изјавија дека летала користеле софтвер развиен од нивните инженери, што им овозможило меѓусебно да се координираат и да вршат воздушни патроли долж однапред одредена рута.

Во соопштението по повод испораката на првото летало, компанијата „Бајкар“ (Baykar) му се заблагодари на целиот тим што учествуваше во развојот на проектот, оддавајќи им почит на колегите кои починаа за време на неговата реализација.

Тие особено се потсетија на покојниот основач на компанијата, Оздемир Бајрактар, истакнувајќи го неговиот придонес кон турската Национална технолошка иницијатива.

ИЗДВОЕНИ