Оваа година се одбележуваат значајни јубилеи, педесет години од смртта на Сергеј Михајлов, 100 години од изведбата на првата опера во Македонија „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало, како и 101 година од пишувањето на либретото и компонирањето на првата македонска детска опера „Принцеза Ружа“
Во Гевгелија, во склоп на манифестацијата Град на културата, во хотелот „Аполонија“ во Гевгелија, во организација на Градската библиотека „Гоце Делчев“ се одржа промоција на монографијата „Сергеј Михајлов: живот и дело“ од авторката проф. д-р Наташа Диденко, виш научен соработник/вонреден професор на Институтот за национална историја – Скопје. Станува збор за научен труд што е посветен на ликот и делото на македонскиот педагог и композитор од руско потекло, Сергеј Михајлов.
Оваа година се одбележуваат значајни јубилеи, педесет години од неговата смрт, 100 години од изведбата на првата опера во Македонија „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало, како и 101 година од пишувањето на либретото и компонирањето на првата македонска детска опера, „Принцеза Ружа“. Промотори на ова исклучително дело беа д-р Билјана Ристовска – Јосифовска, од Институтот за национална историја и академик Драги Ѓоргиев.
За животниот пат и педагошката работа на Михајлов, во годината кога се одбележуваат педесет години од неговата смрт, говореше професорката Ристовска-Јосифовска: „Сергеј Михајлов е роден на 31 август 1885 година во Харков, а починал на 19 ноември 1975 година во Штип. Музика учел во родниот град кај чешкиот композитор и пијанист Алојз Јиранек. Меѓутоа, кога останал без родителите, заминал на Кавказ, а потоа како војник преку Цариград дошол до Солун од каде што се преселил во Гевгелија, во 1921 година, каде останал се до 1924 година. Како музички педагог во нижата гимназија го напишал либретото и ја искомпонирал музиката за првата опера за деца „Принцезата Ружа“. Либретото е пишувано за 8 лика, со придружба на клавир и хор. Премиерата била одржана во Гевгелија, а потоа со успех изведувана и во околните градови.
По преселувањето во Штип, во 1925 година ја поставил првата опера во Македонија „Палјачи“, од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало, со што ги поставил никулците за развој на музиката со поголема уметничка вредност. Делото на Сергеј Михајлов и неговиот придонес во развојот на музичката култура во Македонија траеле сè до неговата смрт во Штип во 1975 година.
Академик Драги Ѓоргиев во своето инспиративно обраќање се задржа претежно на историскиот период во кој Михајлов пристигнал во Македонија.
„Сергеј Михајлов и неговото семејство се дел од огромната маса бегалци, мигранти, кои морале да ја напуштат својата татковина по избувнувањето на Октомвриската револуција, 1917 година и да го бараат својот спас во Кралството на Србите Хрватите и Словенците. Тој е класичен претставник на интелектуалната руска миграција, чие знаење и ерудиција ја облагородиле средината во која се населиле, најнапред во Гевгелија, а потоа и во Штип. Трудот „Сергеј Михајлов, живот и дело“ претставува опозит на балканската историографија. Таа го третира на едно мета ниво оној хуман сегмент на историјата, конкретно животот на една исклучителна личност. Оваа книга третира дел од македонската национална историја, а тоа е културната историја. Изучувањето на културната историја има огромно значење, бидејќи културата е можеби најсилната и најјасна константа во долготрајните процеси на македонското национално структурирање. Дури и тогаш кога националните политички идеи биле далеку од својот зародиш, културата, преку уметноста, јазикот, фолклорот и религијата, ги артикулирала националните обележја на македонскиот народ. Професор Диденко ни откри една историска личност, просто ја извади од прашината на архивите и ни ја понуди како едно ново откритие“, рече Ѓоргиев.
По завршувањето на промоцијата, ја запрашавме авторката на оваа монографијата, Наташа Диденко, кој беше нејзиниот порив да се зафати со истражување на животот и делото на Сергеј Михајлов: „Како репрезент на македонската научна фела јас трагам по она што до сега не е објавено во македонската наука. Moјот порив беше да го истражам придонесот на Михајлов кон развојот на музичката култура во Македонија. Во историскиот архив во Штип најдов извонредно богата документација за него. Бев изненадена зошто никој не го проучувал ликот и делото на Михајлов, со оглед на фактот што средното музичко училиште во Штип го носи неговото име. Тоа беше поттик од темнината да го извадам делото на Михајлов на светлината на денот.

Она што е, во ист момент интересно но и трагично, е фактот што неговите тестаменти биле отворени дури во 2014 година, благодарение на новинарот од Штип, Иван Бојаџиски. Сето она што го создал во својот живот како и одредени финансиски средства, Михајлов ги остава на основното и средното музичко училиште во Штип. Зошто никој над 30 години не покренал иницијатива да се отворат тие тестаменти, не знам. Тој оставил за стипендирање на талентирани ученици средства од над 150.000 евра, но, за жал, кога е откриен тестаментот, овие средства вределе само 10.000 евра“.
Мојата книга, истакна на крајот Диденко, претставува едно парче во мозаикот на истражувањето на нашето културно минато, изучување на историјата на познати семејства, изучување на различни историски проблеми од повоената македонска историја. (Љ.А.)