Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека неговиот оптимизам по Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват се темели на разговорите што ги имал со европските лидери, нагласувајќи дека бил единствениот лидер од регионот кој остварил билатерални средби со францускиот претседател Емануел Макрон и со германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Тој посочи дека Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан претставува значајна можност за напредок на Македонија и дека не е директно поврзан со процесот на проширување, бидејќи двата процеса ќе се одвиваат паралелно.
„Точно знам што беше разговарано на тие состаноци и што може да се очекува во периодот што следува. На моите соговорници им ги пренесов ставовите и политиките што ги застапуваме, а добив и одговори на дел од дилемите. Токму тоа ми дава основа за оптимизам“, изјави Мицкоски по посетата на Институтот за јавно здравје.
Според него, не е точна тезата дека за спроведување на Планот за раст се потребни измени на постојните договори. Тој нагласи дека механизмите во планот се креирани така што ќе можат да ги користат и земјите кандидати за членство во Унијата.
Во однос на евроинтегративниот процес, Мицкоски повтори дека нема да поддржи уставни измени без јасни гаранции за завршување на процесот на пристапување.
Осврнувајќи се на изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека Македонија мора да ги внесе Бугарите во Уставот за да ги започне преговорите со ЕУ, премиерот порача дека неговиот став останува непроменет.
„Додека сум претседател на Владата, нема да поддржам уставни измени без јасни гаранции дека тоа е последното барање и дека нема да се отвораат нови билатерални и идентитетски прашања. Само таков договор можам да прифатам, сè друго нема да добие моја поддршка“, изјави Мицкоски.
Поврзани вести:












