19-годишникот од скопското село Бојане, осомничен дека со огнено оружје убил 18-годишно момче од истото село е во притвор. Телото на жртвата било пронајдено во шума во близина на Сарај, а полицијата го нашла и оружјето за кое се сомнева дека е употребено во убиството.
Според информациите од МВР, убиството било пријавено ноќта меѓу 16 и 17 мај, откако таткото на осомничениот се јавил на телефонскиот број 192 и кажал дека неговиот син му признал оти на 15 мај го убил 18-годишниот Б.Д.
„На 17.05.2026 година во 00:50 часот во село Бојане, полициски службеници го лишиле од слобода М.Б. (19) од Бојане, поради основано сомнение за сторено кривично дело ‘убиство’. Претходно, неговиот татко И.Б. пријавил дека синот му признал оти во шума во близина на Сарај, со огнено оружје го убил Б.Д. (18) од Бојане“, изјавија од МВР.

Одттаму велат дека по преземените мерки биле пронајдени телото на жртвата и оружјето. Обвинителството соопшти дека е поведена постапка против 19-годишникот за кривично дело „убиство“ според член 123 став 1 од Кривичниот законик и дека е побаран 48-часовен притвор.
„Собирањето докази е во тек, а постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и прикривање траги, како и ризик осомничениот да стори ново кривично дело и поради тоа предложивме мерка притвор, изјавија од обвинителството.
Издадена е и наредба за обдукција на телото на 18-годишникот, додека истрагата продолжува.(П.А.)












