Висок извор близок до новиот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, открил за истакнатиот кувајтски весник „Ал Џарида“ дека тој бил префрлен во Москва со руски воен авион во строго тајна операција, поради неговата здравствена и безбедносна состојба. По пристигнувањето, тој веднаш бил подложен на „успешна“ операција и моментално се лекува во болница во еден од претседателските комплекси.
Според изворот, повредите што Моџтаба ги здобил за време на бомбардирањето на САД и Израел во првичните напади врз Иран на 28 февруари барале добро опремена болница, внимателно медицинско следење и посебни безбедносни мерки – кои, како што се вели, се невозможни да се обезбедат во Иран поради континуираните интензивни напади, особено откако Израел објави дека ќе го нападне новиот врховен лидер.
Изворот објаснил дека иранските безбедносни служби се особено загрижени дека локацијата на Хамнеи помладиот може да се открие со следење на лекарите и специјалистите кои ќе го лекуваат. Затоа, препораката третманот да се спроведе во Русија била прифатена.
Путин предложил Хамнеи да се лекува во Русија?
Весникот пренесува и дека наводно рускиот претседател Владимир Путин лично предложил Моџтаба да биде лекуван во Русија за време на телефонскиот разговор со иранскиот претседател Масуд Пешмерга минатиот четврток. Иранските претставници, вклучувајќи го и самиот Хамнеи, го разгледале рускиот предлог и го одобриле. Моџтаба потоа бил префрлен во Русија во четврток вечерта, каде што го лекува тим руски лекари, а го придружуваат неколку ирански лекари.
Од друга страна, ирански извор близок до реформистите рекол за Ал-Џарида дека постојат големи сомнежи дека првиот говор што му се припишува на Моџтаба Хамнеи всушност го напишал Али Лариџани, генералниот секретар на Врховниот совет за национална безбедност, бидејќи содржината се совпаѓа со неговите претходни изјави.
Според изворот, Хамнеи помладиот можеби дури и не го видел говорот, а фактот дека тој не се појави јавно и дека нема аудио-снимка од говорот дополнително ги зголемува сомнежите.
Нетанјаху одбива да каже каде е Моџтаба
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, исто така, посочи дека Израел има информации за местото каде што се наоѓа и состојбата на Моџтаба, но дека не сака да ги открие. На својата прва прес-конференција за војната во четврток, кога беше прашан за здравјето на новиот ирански лидер, Нетанјаху рече: „Нема да му дадам животно осигурување“, што беше протолкувано како навестување дека Тел Авив има посебни разузнавачки информации за него.
Според извори во Ерусалим, израелските разузнавачки служби веруваат дека повредата на Моџтаба може да биде посериозна отколку што првично се сметаше, додавајќи дека Тел Авив нема потврдени информации дека тој го напуштил Иран.
Весникот „Ал-Џарида“ на 4 март објави дека Моџтаба е повреден на левата страна од телото, од глава до стопала, откако рушевини паднале во негова близина – но не директно врз него – за време на нападот врз комплексот во Техеран каде што се наоѓа домот и канцеларијата на Врховниот лидер.












