На модната ревија што се одржа во петокот во Штип, се претставија седум студентки од Европскиот универзитет – Марија Роглева, Ивона Мицановска, Ларита Василова, Рената Илиева, Леона Давидовска, Благица Николова и Надица Николова. Пред бројната публика, тие презентираа свои атрактивни креативни визии инспирирани од електричниот автомобил „киа ЕВ4“ и се натпреварува заедно со студенти од други приватни и државни образовни институции

 

Студентката Марија Роглева од Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет – Скопје го освои првото место на студентскиот конкурс на „Денови на модата во Штип“, поддржан од „Премиум брендови“. Наградата вклучува паричен износ од 60.000 денари и учество со модна ревија на наредното издание на штипските модни денови.

На модната ревија што се одржа во Штип, во петокот, се претставија седум студентки од Европскиот универзитет – Марија Роглева, Ивона Мицановска, Ларита Василова, Рената Илиева, Леона Давидовска, Благица Николова и Надица Николова. Пред бројната публика, тие презентираа свои атрактивни креативни визии инспирирани од електричниот автомобил „киа ЕВ4“ и се натпреварува заедно со уште осум студенти од други приватни и државни образовни институции.

– Со чест и задоволство ја примив оваа награда, која ми претставува голема мотивација за идната модна колекција. Како млад моден дизајнер тежнеам кон нови успеси на македонската модна сцена. Оваа награда има големо значење за мене и многу сум благодарна за ова неверојатно искуство. Креацијата е футуристичка инспирација од автомобилот „киа ЕВ4“, каде што преовладува сивата боја со акцент на црвена боја и асиметрија со грандиозен стил. На фустанот е испечатен дизајн на текстил кој разбуди позитивно мислење во јавноста. Како моден додаток, направив чанта од тркало. На чантата беа претставени бандажите на автомобилот и логото на трговската  марка „киа“. На ревијата, јас бев модел и дадов сè од себе за да ја презентирам креацијата во најдобро светло пред очите на присутната публика и жири-комисијата. И за крај, добив позитивен резултат, вели за весникот ВЕЧЕР, Марија Роглева.

Инаку, учеството во оваа модна ревија беше реализирано под менторство на проф. м-р Александар Рашковиќ, со поддршка на проф. д-р Гордана Вренцоска, м-р Александар Чавкароски, Гордана Божиновска и ас. м-р Ана Трајковска.

– Изразуваме голема благодарност до Управниот одбор на Европски универзитет –Скопје за континуираната поддршка во активностите што им помагаат на студентите да ги развијат своите креативни и претприемачки потенцијали, како и на организаторите на „Модни денови во Штип“ за топлиот пречек и за одличната организација на ревијата, велат од Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет.

(Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ