Меѓународниот ден на музеите, 18 Мај, ќе биде одбележан од страна на Националниот археолошки музеј – Скопје со повторно отворање на постојаната нумизматичка збирка и прекрасните модни креации на инклузивната модна ревија „Модата во минатото“, инспирирана од стилот и културното наследство низ вековите. Настанот ќе се одржи на 18 мај, во Националниот археолошки музеј – Скопје, со почеток во 19:00 часот, под мотото „Музеите обединуваат поделен свет“.

Во рамки на настанот, посетителите ќе имаат можност да ја проследат постојаната музејска поставка од Нумизматичката збирка при Археолошкиот музеј, во која се изложени околу 2.500 примероци монети. Тие хронолошки го опфаќаат периодот од 6 век пр. н.е., односно од околу 530 година пр. н.е., па сè до 20. век.

– Оваа поставка не е значајна само по својот обем, туку и по можноста преку монетите да се следат економските, политичките и културните процеси низ вековите. Новата нумизматичка поставка е замислена како современа, наративно структурирана изложба која ќе го прикаже развојот на монетарните системи на овие простори низ различни историски периоди. Наместо класичен, хронолошки приказ, акцентот ќе биде ставен на поширокиот контекст – економските текови, политичките влијанија, културните контакти и симболиката на парите, посочува Магдалена Манаскова, директорка на Археолошкиот музеј.

 

ИЗДВОЕНИ