Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја реафирмира својата јасна позиција: процесот на проширување на Европската Унија мора да биде предвидлив и заснован на објективни, мерливи критериуми, дефинирани во Копенхашките критериуми. Оттаму порачуваат дека преговорите треба да се водат врз основа на заслуги.
-Министерот Тимчо Муцунски, во повеќе наврати, истакна дека државата направи значајни и тешки компромиси во изминатите три децении, вклучувајќи уставни измени, промена на името на државата и други суштински реформи, со цел приближување кон Европската Унија. Сепак, и покрај овие напори, процесот на пристапување останува блокиран поради билатерални спорови, што го поткопува кредибилитетот на Унијата и ги охрабрува деструктивните наративи во регионот, велат од министерството.
Од МНР потенцираат дека е неопходно ЕУ да обезбеди институционални гаранции дека билатералните прашања нема да бидат инструментализирани за блокирање на пристапниот процес.
-Само на тој начин може да се обезбеди транспарентен и предвидлив процес на интеграција, кој ќе ја зачува довербата на граѓаните во Унијата и европската перспектива на нашата држава, информираат од македонското МНР.