| Дежа ви: како во Индија пред една деценија |
Исто како во Индија пред една деценија, во САД, во периодот од 2023 година, мистериозно исчезнаа или починаа десетина научници. Сите работеа на владини проекти за напредни истражувања од нуклеарната и од воздухопловната сфера, претежно во националните лаборатории и за НАСА.
Ова досега беше афера што се ширеше онлајн, но за неа почнаа да зборуваат и пратениците и новинарите, кои бараат одговор од властите.
– Сега има 10-мина американски научници што или исчезнале или починале од средината на 2023 година. Сите тие наводно имале пристап до класифициран нуклеарен или воздухопловен материјал. Дали некој го истражува ова за да види дали се поврзани овие работи – праша еден новинар во средата.
Портпаролката на Белата куќа, Керолин Левит, одговори дека не разговарала за тоа со надлежните агенции, но ќе разговара и ќе обезбеди одговор, пишува „Њузвик“. Следниот ден се огласи и претседателот на САД, Доналд Трамп, кој рече дека тоа е „прилично сериозна работа“ и најави дека ќе се знае одговорот во следната недела и пол.
Меѓу исчезнатите е пензионираниот генерал-мајор на воздухопловните сили, Вилијам Нил Мекасленд, кој исчезнал во Ново Мексико. Истражителите рекоа дека тој ги оставил телефонот, диоптриските очила и преносните уреди дома, а подоцна била пронајдена сива маица на воздухопловните сили на САД, околу 1,25 милји источно од неговата резиденција. Подоцна, додека планинарела во националната шума Анџелес во Калифорнија, исчезнала Моника Реза, воздухопловна инженерка и директорка за обработка на материјали во лабораторијата за млазен погон на НАСА. Таа работела на проект за ракетни материјали, финансиран од Владата, а надгледуван од Мекасленд, пренесе „Њузвик“. Ова се само дел од повеќето случаи од онлајн теориите, што сугерираат на поширок опсег на научници, вклучувајќи двајца што починале откако биле нападнати во своите домови.
Овие мистериозни случаи предизвикаа теории што вклучуваат потенцијални врски со НЛО и шпионажа. Крис Свекер, поранешен помошник-директор на ФБИ, рекол за „Њуз нејшн“ дека не верува оти биле киднапирани исчезнатите експерти од вонземјани и дека мора да постои рационално објаснување.
– Ако не се само случајни дејства, тоа е современа шпионажа – рекол Свекер, додавајќи дека се работи за класифицирани прашања и ако се истражуваат, не треба да се слушне за нив.
На листата исчезнати или починати се и владин изведувач во кампусот за национална безбедност во Канзас Сити, поранешен вработен во Националната лабораторија во Лос Аламос, административен работник во таа лабораторија, директор на Центарот за наука за плазма и фузија на МИТ, астрофизичар што работел за НАСА…












