Водата за пиење во повеќе реони во Крушево е микробиолошки неисправна, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК), повикувајќи се на известување од Регионалниот центар за управување со кризи – Битола.
Според информациите од Центарот за јавно здравје – Прилеп, врз основа на анализите на примероците земени на 20 јули 2026 година, микробиолошки неисправна е водата од чешмите кај „Св. Петка“, Крајпатната бензинска, реонот на Црешово Топче, Старата црква и реонот под хотел „Монтана“.
Од ЈП „Комуна“ – Крушево апелираат до граѓаните да не ја користат водата од чешма за пиење, туку да користат флаширана вода.
За подготовка на храна и за миење, од јавното претпријатие препорачуваат водата претходно да се преврива најмалку 10 минути, сè до добивање нови резултати од анализите кои ќе потврдат дека таа е безбедна за употреба.
Надлежните ги повикуваат граѓаните да ги почитуваат препораките сè додека не биде соопштено дека водата повторно е исправна за пиење.












