Поранешниот шеф на Ферари, Жан Тод, даде една од најискрените анализи за кариерата на легендарниот Михаел Шумахер, осврнувајќи се на два контроверзни моменти што долго време ја делеа јавноста.
Французинот, кој подоцна стана претседател на ФИА, отворено призна дека Шумахер бил виновен и во двата случаи: инцидентот во Херез во 1997 и оној во Монако, во 2006 година.
Во Шпанија, во текот на решавачката битка за титулата, Германецот влезе во контакт со Жак Вилнев. Наместо да го задржи водството, потегот се покажа како катастрофален – Шумахер заврши надвор од трката, а Вилнев стана шампион.
- Мислам дека намерно го удри – призна Тод, додавајќи дека станува збор за импулсивна реакција под огромен притисок, а не за однапред смислен потег.
И покрај тоа, тој застана зад својот возач во тие моменти, нагласувајќи дека грешките се дел од човечката природа и мора да се прифатат.
Вториот случај, во Монте Карло во 2006 година, беше уште појасен. Шумахер го запре болидот при влез во кривина во текот на квалификациите и со тоа го попречи Фернандо Алонсо да го извози најбрзиот круг.
- Нема дилема за таа ситуација – намерно застана – изјави Тод, признавајќи дека потегот бил погрешен и скапо го чинел.
Шумахер беше казнет и мораше да стартува од последната позиција, што значително влијаеше на неговите шанси во шампионатот.
Тод откри и поинаква страна од легендарниот возач, истакнувајќи дека зад неговата самоувереност се криела многу почувствителна личност.
- Беше срамежлив, дарежлив и многу покомплексен отколку што мислеа луѓето – објасни Французинот.
Сепак, призна дека имало моменти кога Шумахер знаел да ја загуби контролата, особено кога бил притисокот најголем.











