Искрата прерасна во отворен политички судир. Премиерот Христијан Мицкоски излезе со остри обвинувања кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, по неговата изјава дека не слушнал дека Бугарија ни го негира идентитетот. Мицкоски оцени дека ваквите ставови претставуваат отстапување од заштитата на националните интереси и изрази жалење што опозицијата повторно избира да коленичи пред туѓите интереси наместо да ги брани националните интереси. Филипче, пак, возврати дека станува збор за намерно создавање паника и политичка пропаганда без реална основа. На новинарско прашање да го коментира официјалниот став на Бугарија дека пред `44 не постоеле македонскиот јазик и македонската нација, тој одговори дека не треба да се чувствуваме поинаку поради нечии размислувања
ПРЕМИЕРОТ СО ОСТРА КРИТИКА ЗА СТАВОВИТЕ НА ОПОЗИЦИСКИОТ ЛИДЕР, ФИЛИПЧЕ, ПАК, ОБВИНУВА ЗА ПРОПАГАНДА
Остри критики упати премиерот Христијан Мицкоски кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, по неговата изјава дека не слушнал дека Бугарија ни го негира идентитетот. Во изјава за медиумите, Мицкоски оцени дека ваквите ставови претставуваат отстапување од заштитата на националните интереси и изрази жалење што опозицијата, како што рече, повторно избира да коленичи пред туѓите интереси наместо да застане рамо до рамо со Владата во одбрана на националните интереси.
– Претпоставувам дека претседателот на СДСМ сè уште ужива во оние забави во Дубаи, под импресија на музицирањето на еден српски фолк-автор и пејач и занесен од сето тоа, а богами и заслепен, не успеа да го види, ниту да го слушне тоа што се случува од 2022, па наваму, односно од моментот кога владата на СДСМ и ДУИ ја прифати таа историска капитулација, со што покажа и докажа дека е мекото ткиво на македонскиот идентитет. Тоа нема да остане така како што мислат дека ќе остане. Јас жалам што тие повторно одлучија да коленичат на туѓите интереси наместо да застанат рамо до рамо со Владата во одбрана на националните интереси, но добрата вест е што набргу ќе има избори и по тие избори, ќе се случи партијата, која ја предводи тој, да се маргинализира. Се надевам дека тој и таквите како него засекогаш ќе исчезнат од политиката и ќе дојдат луѓе кои си ја сакаат, си ја љубат татковината, кои се вистински патриоти и кои ќе се борат за оваа држава заедно со оваа Влада и со мене – истакна Мицкоски.
Филипче повторно го обвини премиерот дека лажно создава паника и дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет од никого не се загрозени. На прес-конференцијата по повод Денот на македонскиот јазик, лидерот на СДСМ истакна дека јазикот е целосно признат во Фронтекс во 2022 година, а Мицкоски продолжува со својата стара кампања, намерно создавање паника и лажно бранење на идентитетот.
– Јазикот е целосно признат во Фронтекс во 2022 година – првиот официјален договор во ЕУ потпишан на чист македонски јазик без фусноти, без објаснувања, без ѕвездички. Во Преспанскиот договор во 2018 година експлицитно е наведено дека македонскиот јазик е дел од јужнословенската група јазици и е признат уште во `77 година од Обединетите нации. Во Европската Унија, македонскиот јазик е официјално признат во преговарачката рамка. Во Обединетите нации, сите други меѓународни организации и, секако, билатерални договори. Македонскиот јазик не е на продажба и тој никако не е загрозен. Сè уште не е формирана влада во Бугарија, а Мицкоски веќе најави заострување на односите и дека немало да има напредок. И затоа започна нова кампања за создавање вештачки конфликт со Бугарија, за да може потоа да објасни дека нема напредок во европските интеграции поради Бугарите, а не поради својата неспособност и одбивањето да ги исполни реформите – рече Филипче.
На новинарско прашање како ќе го коментира и официјалниот став на Бугарија дека пред `44 не постоел македонски јазик и нација, тој одговори дека не треба да се чувствуваме поинаку поради нечии размислувања.
– Како се чувствувате вие, како Македонец? Како ви го загрозила Бугарија идентитетот? Еве, кажете како ви го загрозила. Дали вие, поради нечии размислувања и така натаму, се чувствувате поинаку? Значи, ако има бугарско малцинство, сосема е различно од македонскиот народ. Ако имаме договор потпишан на македонски јазик од сите земји членки на ЕУ, значи јазикот не е загрозен. Зашто не им ја оставиме историјата нека ја дебатираат историчарите, ние да гледаме во иднината? Престанете со оваа пропаганда. Антиевропска е пропагандата, немојте да ја спроведувате пропагандата – одговори опозицискиот лидер.
Според него, ако во меѓувреме се отворат преговорите и притоа ништо не е загрозено и се дојде до европските фондови и продолжиме напред, натаму нека дебатираат историчарите.
– За некои работи не мора да се договориме. Меѓутоа, никој од Европа нема да дозволи блокирање на непринципиелна основа. Никој. И тогаш ќе седиме на европската маса со сите европски земји и тогаш сите ќе гледаат. Значи, не ширете пропаганда, оваа пропаганда да се идентификуваат внатрешни непријатели, надворешни непријатели е само за да се најде изговор од страна на премиерот за да нема напредок – оцени Филипче.
Полемиката меѓу Мицкоски и Филипче се интензивираше откако лидерот на СДСМ, во изјава за медиумите по повод годишнината од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев, изјави дека „не слушнале од Бугарија дека ни го негира идентитетот“.
– Ние никаде од Бугарија не сме слушнале дека го негира нашиот идентитет ниту, пак, е направено нешто во времето на владите на СДСМ со цел да се загрози нашиот национален идентитет. Ние имаме една работа и се знае што треба да се направи со цел вистински да почнат реформите и со цел вистински да продолжи патот на евроинтеграциите, а тоа се уставните измени, со кои ништо нема да биде загрозено. Лага е на ВМРО-ДПМНЕ, на Христијан Мицкоски она што го кажува, поради тоа што не сака земјата да оди напред кон Европа и не сака вистински реформи – рече Филипче.
Филипче го обвини Мицкоски и дека, како премиер, наместо да се грижи за граѓаните и за напредокот на државата, креира вештачки непријатели, посочувајќи ги Грците и Бугарите, и создава лажни наративи.
Премиерот, пак, е дециден дека Владата нема да отстапи ниту милиметар од црвените линии за корените и македонскиот идентитет. Тој истакна дека не очекува да се промени наративот од бугарска страна и покрај најавите за формирање стабилна влада сè додека, како што рече, во земјата има политички и општествени структури што се подготвени да коленичат пред бугарските власти.
Во однос на реконструкцијата на Владата, Мицкоски вчера истакна дека сè уште не се почнати разговорите, бидејќи сè уште е посветен на внатрепартиската структура, за која очекува овој месец да се заокружи, и да се посветат на владината коалиција. (В. С. Н.)












