Германија ќе продолжи со директните преговори со Иран, со цел успех на идните преговори меѓу САД и Иран, изјави во четврток германскиот канцелар Фридрих Мерц.
„На овој начин, нашата цел е да дадеме свој придонес за успехот на претстојните преговори“, рече Фридрих Мерц, осврнувајќи се на разговорите меѓу САД и Иран што треба да започнат во сабота во Пакистан.
Тој рече дека Германија ќе ги поддржи дипломатските напори „секаде каде што е можно“ и најави дека подоцна во текот на денот ќе разговара со пакистанскиот премиер Шебаз Шариф, кој ги организира мировните преговори меѓу Иран и САД.
Мерц рече дека дипломатското решение на конфликтот е во интерес на Германија.
„Од успехот на преговорите зависи не само стабилноста во регионот, туку и развојот на светската економија, а со тоа и на германската економија“, рече Мерц.
Тој на вонредно свикана прес-конференција рече дека Германија е подготвена воено да го обезбеди преминот низ Ормускиот теснец и дека во среда разговарал и со американскиот претседател Доналд Трамп за оваа тема.
„Му ветив на американскиот претседател дека во случај на одржлив мировен договор и прекин на воените активности во регионот, Германија ќе помогне да се обезбеди безбеден премин низ Ормускиот теснец“, рече Мерц, но додаде дека сè уште е рано да се зборува за конкретни потези.
Германскиот канцелар ги критикуваше нападите на Израел врз јужен Либан и истакна дека овој развој на настаните може да ги загрози мировните напори.
„Свирепоста со која Израел се бори таму може да го доведе во прашање целиот мировен процес и тоа не смее да се случи“, рече Мерц.
Во врска со драстичното зголемување на цената на енергијата во Германија по избувнувањето на војната во Персискиот Залив, Мерц рече дека засега не се планираат нови мерки против зголемувањето на цените, но дека владата ќе реагира доколку цените, и покрај сегашното смирување на ситуацијата, не паднат.












