Во услови на светски економски предизвици, зголемувањето на учеството на жените на пазарот на трудот носи значителни економски и општествени придобивки. Намалувањето на родовите разлики придонесува за поголема иновативност, поефикасно искористување на човечкиот капитал и за намалување на јазот во приходите. Сепак, жените и натаму се соочуваат со предизвици, како што се пониска застапеност на раководните позиции и ограничен пристап до финансиските услуги, истакна вицегувернерката Ана Митреска во своето обраќање на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“.
Таа посочи дека, во услови на забрзана технолошка трансформација и развој на вештачката интелигенција, неопходни се соодветни политики за заштита и унапредување на родовата еднаквост на пазарот на трудот.
Според некои процени, околу 75 % од работните места на жените се во занимањата со голема изложеност на вештачката интелигенција, што укажува на потребата од навремено приспособување и од дополнителна поддршка.
– Светскиот извештај за родовиот јаз за 2025 година покажува дека има натамошен напредок кон родовата еднаквост, но тој е бавен и со нерамномерно темпо. На светско ниво, родовиот јаз е затворен за околу две третини, а за постигнување целосна еднаквост, со сегашната динамика, ќе бидат потребни уште 123 години. Нашата земја е рангирана на 90. место од вкупно 148 земји, додека во делот на економското учество и можностите, се наоѓа на 119. место. Јазот во платите изнесува околу 12 %, а разликата во учеството на пазарот на трудот е околу 18 процентни поени во корист на мажите. Во однос на финансиската вклученост, податоците од „Финдекс“ (2024) покажуваат дека 77 % од жените и 92 % од мажите имаат сметка. Овие разлики упатуваат на родов јаз во финансиската вклученост од околу 10 процентни поени – рече Митреска.
Таа нагласи дека Народната банка активно работи на унапредување на финансиската едукација и вклученост, како и на поддршка на женското претприемништво преку Кодексот за финансирање жени претприемачи.
– Иако учеството на фирмите што се во сопственост на жени во вкупните кредити сè уште е ниско, тие покажуваат висока финансиска дисциплина, со нефункционални кредити од 1,54 %, во споредба со 2,76 % кај фирмите што се во сопственост на мажи. Во наредниот период, активностите ќе бидат насочени кон проширување на коалицијата, подобрување на податоците и осмислување системски решенија за зголемена финансиска поддршка на жените претприемачи – рече Митреска.












