четврток, јуни 11, 2026
Дома МАГАЗИН Меланија Трамп: „Немав никаква врска со Епстин, го запознав мојот сопруг случајно“

Меланија Трамп: „Немав никаква врска со Епстин, го запознав мојот сопруг случајно“

Првата дама на Соединетите Американски Држави, Меланија Трамп, зборувајќи од Големото фоаје на Белата куќа, нагласи дека не е жртва на сексуалниот предатор Џефри Епштајн и дека тој не ја запознал со Доналд Трамп.

50
EPA/JIM LO SCALZO

Првата дама на САД Меланија Трамп денеска негираше каква било поврзаност со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин и какво било знаење за неговите кривични дела, оценувајќи дека обвинувањата се „целосно невистинити“.

Во изјава од Белата куќа, таа ги отфрли тврдењата на интернет дека на некаков начин била поврзана со Епстин, нарекувајќи ги „клевети“.

„Лагите што ме поврзуваат со Џефри Епстин мора да престанат денес. Јас не сум жртва на Епштајн“, рече Меланија Трамп.

Првата дама, истовремено, го повика Конгресот да одржи јавно сослушување на жртвите на Епстин, со можност тие да сведочат пред пратениците и нивните приказни да бидат внесени во конгресниот записник.

– Секоја жена треба да има можност јавно да ја раскаже својата приказна, доколку тоа го сака –  рече таа. „Тогаш, и само тогаш, ќе ја дознаеме вистината“.

Таа рече дека луѓето што шират лаги за неа немаат етички стандарди, понизност или почит.

„Не ги обвинувам за нивното незнаење, но ги отфрлам нивните злонамерни обиди да го оцрнат мојот углед. Никогаш не сум била пријателка со Епстин. Доналд и јас сме биле поканети на истите забави како Епстин од време на време, бидејќи преклопувањето на социјалните кругови во Њујорк и Палм Бич е вообичаено“, нагласи првата дама на САД.

Меланија Трамп изјави дека никогаш не била во никаква врска со Епстин или неговата соучесничка Гислен Максвел.

„Мојот одговор на нејзината е-пошта не може да се смета за ништо повеќе од обична кореспонденција. Мојот учтив одговор на нејзината е-пошта е само тривијална забелешка“, рече Меланија Трамп.

Во вонредното обраќање, таа повторно ги негираше сите врски со Епстин и додаде: Моите адвокати и јас успешно се боревме против овие неосновани и бесмислени лаги.

Таа, исто така, нагласи дека Џефри Епстин не ја запознал со Доналд Трамп.

„Епстин не ме запозна со Доналд Трамп. Го запознав мојот сопруг случајно на забава во Њујорк во 1998 година. Оваа прва средба е документирана во мојата книга „Меланија““, рече таа.

Според неа, првпат го запознала Епстин во 2000 година на настан на кој двајцата присуствувале.

„Во тоа време не го познавав и немав сознанија за неговите криминални активности. Со години, лажни слики и изјави за Епстин и мене циркулираат на социјалните медиуми. Бидете внимателни во што верувате. Овие слики и приказни се целосно лажни“, нагласи Меланија Трамп.

ИЗДВОЕНИ