Првата дама на САД, Меланија Трамп, изјави дека нејзиниот сопруг, американскиот претседател Доналд Трамп, вложува максимални напори во извршувањето на претседателските должности, во момент кога се соочува со незадоволство кај дел од граѓаните поради војната со Иран и економските прилики во САД.
Говорејќи за емисијата „Fox & Friends“, првата дама беше прашана што Трамп прави поинаку денес во споредба со неговиот прв мандат, а таа истакна дека тој е целосно посветен на работата и дека има голем број обврски.
„Многу е фокусиран“, рече Меланија Трамп.
Таа додаде дека глобалните околности сега се значително поинакви отколку за време на неговиот прв мандат.
„Она што се случува во светот сега е многу поинакво. Но, мислам дека го прави најдоброто што може. Работи без престан. Има повеќе енергија од сите. Од утро до вечер непрекинато работи“, изјави првата дама на Америка.
Интервјуто доаѓа за време на особено интензивна недела за Меланија Трамп, наведува „Axios“. Таа ја започна иницијативата „IMPERIA“, чија цел е поврзување на жени кои раководат со големи компании.
Првата дама истовремено ја промовира и меѓународната коалиција „Fostering the Future Together“, насочена кон поврзување и поддршка на иницијативи кои се занимаваат со иднината на децата и младите.












