Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ја повика Европа да стане еден од „водечките светски актери“ во вселената, најавувајќи ги првите летови со човечки екипаж во рок од „десет години“, како и сопствени комуникациски капацитети преку сателити.
„Европа мора да биде меѓу водечките светски актери (во вселената), особено кога станува збор за комуникациите и вештачката интелигенција“, порача тој на меѓународниот самит за вселена, во момент кога силно се засилува вселенската трка, а Соединетите Држави и Кина предничат.
„Европа мора да лета со сопствени екипажи … Сакаме Европа да ги потврди своите амбиции во областа на летовите со човечки екипаж“, нагласи Емануел Макрон, кој по десет години на власт ќе ја напушти Елисејската палата во мај 2027 година. Францускиот претседател ја спомена и следната вселенска мисија која во 2027 година ќе превезе тројца европски астронаути до Меѓународната вселенска станица.
„Сакам за две години да видам како првата европска товарна капсула Никс (Nyx) се спојува со Меѓународната вселенска станица; за пет години како првиот европски лунарен ландер Аргонаут слетува на површината на Месечината; а за десет години како од Куру полетува првата европска капсула со човечки екипаж, со европски астронаути и астронаути од други земји“, рече претседателот.
Повика и без одложување да се „воспостави европски сојуз за директно поврзување на уредите“ кој до 2030 година би овозможил директна врска меѓу сателитите и мобилните телефони, без потреба од земјена антена. Европјаните во рок од „десет години“ би требало да имаат „квалитет на врска споредлив со 5Г мрежата сикаде“, без подрачја без сигнал, истакна Емануел Макрон. „Тоа е прашање на суверенитет и економска можност“, рече тој.
Не наведувајќи имиња, тој исто така ги прозва „големите европски играчи“ кои сакаат да ја „задржат својата доминација“, но истовремено токму тие примиле најмногу американски средства и имале корист од „повеќекратно институционално финансирани лансирања“.












