Пратениците во македонското Собрание наскоро ќе добијат уреден паркинг непосредно до собраниската зграда, а со што се очекува да се реши долгогодишниот проблем со паркирањето на нивните и на службените возила. Паркингот, чиоја градба е во тек, се гради на просторот на кој што порано беше планирано да се гради катна гаража но која одлука потоа беше сменета за да се направи површински паркинг во сопственост на Собранието.
Претседателот на Собранието Африм Гаши во објавата на социјални мрежи наведе дека просторот добива уреден и функционален изглед.
-Одблиску го следев текот на градежните работи за уредување на просторот околу Собранието. Овој простор добива поуреден и пофункционален изглед, создавајќи подобри услови за паркирање и за секојдневните потреби на Собранието. Продолжуваме со конкретна работа и со внимание кон секој простор што придонесува за поефикасно функционирање на Собранието – објави Гаши.
За уредување на просторот и изградба на паркингот ќе бидат потрошени 101.951.456 денари (околу 1,6 милиони евра). Собранието склучи договор за набавка на опрема и партерно уредување на безбедносна зона со фирмата „Стентон градба“ ДОО од село Долно Оризари, Битола. Договорот предвидува отстранување на постојниот асфалт, поставување на гранитни плочки, изградба на патеки и паркинг места, засадување на дрвја и поставување на урбана опрема и осветлување. Се планира и нова портирница и инсталирање на системот за влез и излез од паркингот.
Откако пред 2013 година беа направени измени во деталниот урбанистички план „Мал ринг“ на тој простор беше предвидено изградба на катна гаража. Тогаш, на електронска аукција земјиштето го купи фирмата „Анго“ ДООЕЛ за 136 евра за квадрат или вкупно за 333.000 евра за земјиштето од 2.455 метри квадратни. Планот дозволуваше гаражата да биде висока 9 метри, а 15 отсто од објектот можеше да биде деловен простор, продавници или угостителски објекти. Пред две години, инвеститорот ДТПУ АНГО ДООЕЛ од Скопје го огради просторот околу Собранието и почна да го расчистува просторот за изградба на катната гаража. Но, тоа беше запрено а откако Собранието минатата година донесе Закон за прогласување на безбедоносна зона околу Собранието се создадоа правни основи за раскинување на договорот. Во членот 10 е пропишано како ќе се раскине договорот со инвеститорот, кој го купил овој простор до Собранието за да изгради катна гаража. Со таа одредба беше предвидено земјиштето да се врати во владеење на државата, а на поранешниот сопственик да му се врати износот уплатен како купопродажна вредност согласно договорот за купопродажба, зголемен за трошоците на надоместокот за уредување на земјиштето и евентуалните вложувања. (Б.Ѓ.)












