среда, октомври 28, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Македонските превозници возат за 600 до 800 отсто пониски цени од странските

Македонските превозници возат за 600 до 800 отсто пониски цени од странските

0

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, очекува Германија и други земји од Шенген-зоната да го следат примерот на Швајцарија и на Хрватска и да склучат билатерални договори со кои ќе им се олесни престојот на македонските професионални возачи.

Тој предупреди дека превозниците веќе 11 месеци се соочуваат со проблеми по воведувањето на новиот систем за влез и за излез од Шенген-зоната, бидејќи во повеќето земји се третираат како туристи и подлежат на правилото за престој од најмногу 90 дена во период од 180 дена.

Тој посочи дека преговорите со неколку држави се во напредна фаза, меѓу кои се Германија, Словенија, Австрија и Унгарија. Според него, Швајцарија веќе издава билатерални визи, а истото го почнала и Хрватска.

– Ако стоката што се произведува тука и во регионот не може да стигне до крајната дестинација, тогаш сè е бескорисно – рече Николоски на средба со Македонско-германското стопанско здружение во Скопје, повикувајќи ги германските бизнисмени да помогнат преку лобирање за побрзо надминување на проблемот.

Тој оцени дека иако Европската комисија во февруари, со новата визна стратегија, ги препознала возачите како професионалци, досега нема значителен напредок во спроведувањето на решението на ниво на Шенген-зоната.

Николоски нагласи дека друмскиот транспорт ќе остане клучен за превозот на стоки во наредните години, бидејќи за железничките проекти се потребни уште од три до седум години за да станат оперативни.

Македонско-германското стопанско здружение оцени дека може да помогне во лобирањето за склучување договори со земјите низ кои најчесто минуваат македонските превозници. Николоски, исто така, ги отфрли тврдењата дека проблемот е обид за наметнување странски транспортни компании, посочувајќи дека нивните цени се за шест до осум пати повисоки од оние на домашните превозници.

ИЗДВОЕНИ