Се очекува Американската централна банка (ФЕД) да ги задржи каматните стапки во опсег од 3,75 до 4 проценти. Сепак, високата инфлација, скапите енергенси и неизвесноста околу движењето на цените ги зголемуваат очекувањата за можно ново зголемување на каматите во декември.
Инвеститорите внимателно ќе ги следат пораките на претседателот на ФЕД, Кевин Ворш, барајќи сигнали за идната монетарна политика. Дел од функционерите сметаат дека е потребна построга политика за да се стави инфлацијата под контрола, додека други повикуваат за претпазливост и за избегнување избрзани одлуки.
Инфлацијата во САД во септември достигна 3,7 проценти на годишно ниво наспроти 3,4 проценти во август. Главен фактор за загриженост се поскапувањето на енергенсите, особено на горивата, кои ги зголемуваат транспортните трошоци и влијаат врз цените на стоките и науслугите. Иако неодамна се намали, цената на нафтата и натаму е значително повисока отколку пред почетокот на војната во Иран.
Неизвесноста околу каматите се одразува и врз кредитниот пазар. Каматната стапка за 30-годишните хипотекарни кредити во САД на почетокот од октомври достигна 7,4 проценти, највисоко ниво во последните три години, пред да се намали минатата недела на 7,32 проценти.
Во меѓувреме, пазарот на трудот покажува знаци на забавување. Во септември биле отворени само 29.000 нови работни места, а невработеноста се зголемила на 4,2 проценти.












