Со уникатниот 40-минутен сценско-визуелен перформанс на истакнатата македонска пијанистка Ема Попивода и Камерниот оркестар „Профундис“, во соработка со оркестарот на Албанската радио-телевизија, беше отворен еден од најголемите културни настани во регионот, „Мјуз-екс експо фестивал“, во Тирана.

Овој проект понуди современ аудиовизуелен концепт што ги спојува класичната музика, електронските елементи и визуелната уметност, претставувајќи силен уметнички вовед во македонското присуство на фестивалот, при што македонските уметници се претставија рамо до рамо со интернационални имиња од светската сцена.

„Културата не е само наследство што го чуваме, туку жива сила што нè поврзува и нè движи напред – токму преку ваквите средби создаваме нови вредности, нови партнерства и заедничка иднина“, истакна државниот секретар во Министерството за култура и туризам Марија С. Ѓоргова на отворањето. Во своето обраќање, Ѓоргова ја нагласи важноста на културната соработка и поврзувањето меѓу земјите, уметниците, продуцентите и културните организации од Европа, регионот и пошироко. Таа нагласи дека учеството на Република Македонија на овој значаен настан претставува можност за промоција на богатото културно наследство и современата уметничка сцена, како и за отворање нови перспективи за соработка во областа на креативните индустрии и иновациите.

Ѓоргова го посети и македонскиот павилјон  на експо фестивалот, каде што своја презентација имаа уметници, претставници на фестивали, музички продукции, филмски уметници, занаетчии, туристички оператори и претставници на културниот сектор во земјата.

Поради значајното учество и придонес во промоцијата на културата, на Министерството за култура и туризам и на Македонскиот културен центар во Тирана, организаторите на фестивалот им доделија специјално признание.

Присуството на фестивалот во Тирана се реализира со поддршка од Министерството за култура и туризам и претставува важен чекор за меѓународна промоција на македонската култура, отворање нови можности за соработка и поголема видливост на домашната уметничка сцена на регионално и европско ниво.

ИЗДВОЕНИ