Македонската ракометна репрезентација го дозна противникот во баражот за пласман на Светското првенство, кое следната година ќе се одржи во Германија. Тоа е селекцијата на Словачка, која го доби двомечот со Украина, иако загуби на реваншот, на домашен терен со 31:32. Првиот натпревар Словаците го добија со 27:24 и имаа предност која ја искористија за пласман во главниот мундијалски бараж. Украинците покажаа добар перформанс и во еден момент дури водеа со шест гола разлика на гостувањето во Словачка, меѓутоа на крајот запишаа само пирова победа.
Македонија и Словачка ќе се судрат во мај. Првиот натпревар „црвено – жолтите“ ќе го одиграат на гости на 13 или 14, додека реваншот ќе се одигра на 16 или 17 мај во Скопје.
По натпреварот најдобриот стрелец на Словачка, на вториот меч Јурај Бријатка, го анализираше реваншот со Украина, кој неговата селекција го загуби со еден гол, но сепак обезбеди место во бараж мечот за СП.
„Во првото полувреме, нашата одбрана беше многу лоша, примавме голови од скок шут и не можевме доволно да се наметнеме во нападот. Во првото полувреме изгледаше катастрофално, противникот напредуваше во тој момент и на полувремето си рековме дека не може да продолжи вака, особено пред домашните навивачи. Македонија ќе биде фаворит во финалниот баражт, мора да се подготвиме одговорно и да се бориме. Таквата изведба нема да биде доволна таму“, рече Бријатка кој постигна осум гола.
Капитенот Љубомир Дуриш го одигра последниот репрезентативен натпревар за Словачка и постигна три гола, а најдобри стрелци беа Бријатка со осум, Прокоп со пет и Сметанка со четири погодоци. Голманите Зернович и Конечни запишаа 13 интервенции. Кај Украина осум гола даде Турченко.












