четврток, август 6, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Македонија го фаќа вистинскиот колосек, од тунел што не води никаде до...

Македонија го фаќа вистинскиот колосек, од тунел што не води никаде до европски Коридор 8

Европската Унија обезбеди грант од 149 милиони евра за изградба на третата делница од железничката пруга кон Бугарија, која е дел од Коридорот 8. Проектот опфаќа изградба на 22 километри пруга од Крива Паланка до Деве Баир, како и прекуграничен железнички тунел што ќе ја поврзе македонската со бугарската железничка мрежа. Покрај грантот од ЕУ, обезбедени се и 175 милиони евра кредити од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), со што е заокружена финансиската конструкција за реализација на проектот. Договорите за финансирање беа потпишани вчера во Владата

0

Со грант од Европската Унија од 149 милиони евра ќе се гради третата делница од железничката пруга кон Бугарија. Проектот опфаќа изградба на 22 километри пруга од Крива Паланка до Деве Баир и прекуграничен железнички тунел како дел од Коридорот 8. Покрај грантот, обезбедени се и 175 милиони евра кредити од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а премиерот Христијан Мицкоски изјави дека проектот е оптимизиран и, конечно, претставува функционална целина, откако е постигнат договор со Бугарија за модернизација на железничката врска до Софија.

– Постигнат е напредок во разговорите со нашиот источен сосед. Потпишани се договори и постои заложба од двете страни за заедничка реализација на тунелот, кој очекуваме целосно да биде финансиран со грант од Европската комисија – рече Мицкоски.

Тој оцени дека изградбата на делницата е сложен инженерски зафат, но изрази уверување дека домашните градежни компании ќе можат активно да се вклучат во реализацијата.

– Очекувам тендерот да заврши до крајот на годинава, а изградбата да почне уште оваа година. Тоа ќе има позитивно влијание врз градежниот сектор и врз македонската економија – рече премиерот.

Осврнувајќи се на критиките од опозицијата, Мицкоски нагласи дека повеќе не станува збор за „половина тунел во слепа улица“, туку за проект што ќе ги поврзе двете држави и ќе создава економска вредност. Тој најави и дека во рамките на Реформската агенда се предвидени модернизација и електрификација на пругата Скопје – Гостивар, преку Јегуновце и Тетово.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, изјави дека изградбата на Коридорот 8 е еден од приоритетите на Владата и дека по речиси две години работа е создаден реален и остварлив проект.

– Успеавме да постигнеме договор со Бугарија за изградба на прекуграничниот железнички тунел. Очекуваме на крајот од месецот втор меѓувладин состанок во Скопје, по кој двете држави ќе испратат заедничко барање до ЕУ, ЕИБ и до ЕБОР за обезбедување грант за изградба на тунелот – рече Николоски.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, истакна дека со потпишаните документи се обезбедува финансиската конструкција за целосна реализација на проектот.

– Овој проект не само што ќе обезбеди подобра поврзаност меѓу Јадранското и Црното Море туку ќе придонесе и за поголема економска интеграција, полесно движење на луѓето и на стоките и за нови можности за развој на македонската економија – рече Димитриеска-Кочоска.

Таа додаде дека Владата ѝ останува посветена на реализацијата на стратешките инфраструктурни проекти, преку обезбедување стабилна финансиска рамка, капитални инвестиции и одговорно управување со јавните финансии.

Директорот на „Железници – Инфраструктура“, Синиша Ивановски, истакна дека станува збор за најсложениот железнички инфраструктурен проект во државата во последните децении.

– Пругата е долга 22 километри, а на трасата ќе има 21 тунел со вкупна должина од 7,8 километри и 52 моста и вијадукти долги околу пет километри. Тоа значи дека повеќе од 60 проценти од трасата ќе биде во тунели и во мостови, што ја прави изградбата исклучително сложена – рече Ивановски.

Со обезбеденото финансирање и со договорената соработка со Бугарија, Владата очекува да се забрза реализацијата на источниот дел од Коридорот 8, еден од најзначајните инфраструктурни проекти за поврзување на Македонија со европската железничка мрежа.

ИЗДВОЕНИ