сабота, август 8, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Македонецот со повреда на ‘рбетниот мозок е безбедно транспортиран од Кушадаси во...

Македонецот со повреда на ‘рбетниот мозок е безбедно транспортиран од Кушадаси во Скопје

0

Пациент со сериозна повреда на ’рбетниот мозок успешно транспортиран од Турција во Македонија.

Пациент од Скопје со сериозна повреда на ’рбетниот мозок е успешно и безбедно транспортиран од Турција во Македонија, по координирана акција на повеќе институции и медицински тимови.

Пациентот се повредил при несреќен случај на тобоган за време на одмор во турското летувалиште Кушадаси. На 23 јули му била извршена хируршка интервенција во локална болница, каде што бил задржан на лекување до неговото пренесување во земјава.

Поради сериозноста на повредата и препораката на лекарите од Турција, Министерството за здравство се вклучило во координацијата на транспортот. Во соработка со Владата и Службата за општи и заеднички работи бил организиран воздушен медицински транспорт со владин авион.

Во Турција бил испратен стручен медицински тим предводен од раководителката на КАРИЛ, д-р Марта Тренева. Тимот го презел пациентот и обезбедил континуирана медицинска грижа и медицински надзор во текот на целиот транспорт до Скопје.

По пристигнувањето во земјава, пациентот бил примен на одделот за интензивно лекување при Универзитетската клиника за ТОАРИЛУЦ, каде што ќе продолжи неговиот третман.

„Пациентот е во здравствена состојба која бара интензивно лекување. Медицинската документација е разгледана, а хируршката интервенција извршена во Турција е оценета како соодветно и стручно спроведена“, изјави директорот на Клиниката, д-р Игор Мерџаноски.

Тој посочи дека повредите на ’рбетниот мозок се меѓу најсериозните повреди и бараат внимателно следење, мултидисциплинарен пристап и долготраен третман.

Во наредниот период ќе бидат направени дополнителни испитувања, по што ќе биде утврден натамошниот тек на лекувањето и рехабилитацијата. Во зависност од здравствената состојба, предвидена е и физикална терапија во спиналниот центар во земјава.

Од Министерството за здравство посочуваат дека случајот е пример за значењето на брзата и координирана институционална реакција во ситуации кога е неопходно пациентите да добијат навремена и соодветна медицинска помош.

ИЗДВОЕНИ