Унгарскиот премиер Петер Маѓар ја доведе во прашање иднината на проектот Пакш II, голем договор со рускиот Росатом за проширување на единствената нуклеарна централа во Унгарија, додека неговата влада ги разгледува финансирањето, техничките решенија и системот за ладење за идните реактори.
Маѓар го критикуваше фактот дека проектот се базира на силна зависност од Дунав, чие рекордно ниско ниво на вода за време на овогодинешниот топлотен бран веќе драматично го намали производството на постојната електрана Пакш, која вообичаено обезбедува голем дел од електричната енергија на Унгарија.
Директорот на Росатом, Алексеј Лихачев, тврди дека работата на двата нови реактори напредува и вели: „Подготвени сме за дијалог“, но Маѓар возврати дека Пакш II веќе требало да произведува електрична енергија според оригиналниот распоред, додека Унгарија досега потрошила околу 1.000 милијарди форинти, или приближно 2,8 милијарди евра, на локација што ја опиша како магацини и „две големи бетонски дупки“.
„Не гледам дека се придржувале до договорот“, рече Маѓар, чија влада објави детален преглед на проектот и неговите трошоци откако ја презеде власта.
Договорот за „Пакш II“ беше склучен во 2014 година од претходната влада на Виктор Орбан, а Русија понуди до 10 милијарди евра државно финансирање за проектот, додека Росатом треба да изгради два нови реактори.
Дополнителен притисок врз плановите на Будимпешта создаваат екстремната суша и ниските нивоа на водата во Дунав, што ги принуди унгарските власти да подготват итни интервенции за да обезбедат доволно вода за ладење на постојните Пакс, додека Романија почна да го исклучува вториот реактор на нуклеарната централа Чернавода поради истиот проблем, наведува Политико.












