понеделник, јуни 8, 2026
Дома СВЕТ Мафијашка пресметка? Српски државјанин брутално убиен на улиците на Барселона

Мафијашка пресметка? Српски државјанин брутално убиен на улиците на Барселона

118

Маж, за кој шпанските медиуми пишуваат дека е српски државјанин, е убиен во пукотница што се случила во Барселона, а полицијата интензивно го бара напаѓачот кој избегал од местото на злосторството. Според информациите што ги објавија локалните медиуми, пукотницата се случила во недела навечер околу 21 часот во населбата Зона Франка, во внатрешниот двор на станбена зграда на улицата Минерија.

Порталот ElCaso.cat објавува дека напаѓачот, облечен во црно, испукал неколку куршуми во грбот на маж кој бил во дворот на зградата. Иако случајните минувачи веднаш се обиделе да му помогнат на повредениот маж, а медицинските екипи и членовите на каталонската полиција Мосос д’Есквадра набрзо пристигнале на местото на настанот, лекарите можеле само да ја потврдат неговата смрт.

По пукотницата, полицијата блокирала пошироко подрачје од населбата, но осомничениот сè уште не е пронајден.

Каталонската полиција потврди дека истражува насилна смрт на мажот, но сè уште не објавила повеќе детали за можниот мотив за злосторството.

Според порталот „Метрополи Абиерта“, идентитетот на починатиот сè уште не е официјално потврден, но полициски извори велат дека тој би можел да биде српски државјанин.

Истражителите во моментов собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да ги утврдат околностите на нападот.

Ова е втора смртоносна пукотница на улицата „Минерија“ за помалку од еден месец, пренесува Танјуг.

На 16 мај, друг маж го загуби животот на истата улица, недалеку од местото на последното убиство, откако беше застрелан. Напаѓачот исто така не беше веднаш пронајден.

Поради зголемениот број инциденти со огнено оружје, жителите на Зона Франка изразуваат загриженост за безбедноста во тој дел од градот во последните недели. Минатата недела тие одржаа протести барајќи итни мерки од градските власти за подобрување на безбедноста.

Сомневања за судири меѓу криминални групи

Локалните медиуми известуваат дека некои жители сè повеќе ги поврзуваат ваквите инциденти со судири меѓу криминални и нарко-банди кои дејствуваат во областа на Барселона.

Иако полицијата сè уште не ги потврдила ваквите наводи, фактот дека во истата населба се случиле неколку вооружени напади за краток временски период дополнително ја зголеми загриженоста кај граѓаните.

Истрагата за убиството е во тек, а полицијата продолжува да го бара напаѓачот.

ИЗДВОЕНИ