Литванскиот премиер Миндаугас Синкевичиус изјави дека неговата земја е подготвена да го финансира постојаното воено присуство на САД во Литванија.
„Подготвени сме да ги сносиме трошоците“, изјави Синкевичиус за „Блумберг“ додека престојуваше во Брисел, додавајќи дека неодамна разговарал за ова прашање со Џон Коул, специјалниот пратеник на американскиот претседател за Белорусија.
„Би го направиле тоа без двоумење доколку тие се подготвени“, додаде тој.
Литванскиот премиер го поздрави распоредувањето на нова ротација од до 1.000 американски војници во Литванија, истакнувајќи дека ова присуство ѝ овозможува на неговата земја да се „чувствува побезбедно“ пред „империјалистичките соништа“ на Русија.
Литванија, која граничи со Русија и Белорусија, оваа година ги зголеми своите воени трошоци на 5,38 отсто од бруто-домашниот производ (БДП) и планира да ги задржи на ниво од најмалку пет отсто до 2027 година.
Вилњус, исто така, размислува за измена на уставните ограничувања во врска со нуклеарното оружје со цел подобро да ја искористи нуклеарната одвраќачка моќ што ја обезбедуваат нејзините сојузници од НАТО. Русија го предупредува НАТО за нуклеарна ескалација поради тензиите на Балтикот.
Русија го предупреди НАТО дека размислува за употреба на нуклеарно оружје доколку руската енклава Калининград биде изолирана, се наведува во документ на Кремљ испратен до Алијансата, во кој денес увид имаше британската новинска агенција „Ројтерс“.
Во документот, Москва ја обвинува Северноатлантската алијанса дека следи „опасен и непромислен пат што носи висок ризик од предизвикување директен вооружен конфликт“ и ја спомнува можноста за „руски напади врз центрите за носење одлуки на земјите-членки на Алијансата“.
„Русија ќе биде подготвена да го искористи целиот свој арсенал од сили и капацитети, вклучително и нуклеарното оружје, за да ја одбрани својата територија доколку земјите од НАТО направат каков било обид да го изолираат регионот Калининград од остатокот на земјата“, се наведува во документот.
Во последните денови, руските амбасади во најмалку три европски земји издадоа соопштенија во кои го обвинуваат НАТО за ескалација на тензиите преку воени вежби и сценарија што го вклучуваат Калининград. Иако ги отфрла обвинувањата дека претставува закана за Европа, Москва тврди дека нема намера да ги напаѓа земјите на НАТО, но предупредува дека секоја агресија врз Калининград – територија што граничи со Полска и Литванија – би наишла на најстрог можен одговор. Овие предупредувања ја нагласуваат ескалацијата на тензиите меѓу Русија и европските земји, кои ја обвинуваат Москва дека води „хибридна војна“ на континентот преку саботажи и подметнувања пожари.
Русија ги негира овие обвинувања и ги отфрла постојаните изјави на западните политичари дека се подготвува за можен воен напад врз земја-членка на НАТО.
Портпаролката на НАТО, Алисон Харт, потврди дека Русија испратила документ до Алијансата, без да ја открие неговата содржина.
„Испративме одговор, нагласувајќи дека НАТО е одбранбена алијанса и дека ниту една од нашите активности или вежби не претставува ризик за кој било дел од руската територија“, рече таа.
„Остро ја осудуваме заканата за употреба на сила, вклучително и каква било неодговорна нуклеарна реторика. Ја повикуваме Русија да ја прекине својата неиспровоцирана војна во Украина“, додаде портпаролката на НАТО.












