Кирил Дмитриев, специјалниот претставник на рускиот претседател за инвестиции и економска соработка со странски држави, денеска ги отфрли извештаите дека пропаднал договорот за испорака на руско дизел гориво во Соединетите Држави, тврдејќи дека танкерите наменети за американскиот пазар продолжуваат кон својата дестинација.
„Лажни вести. Танкерите што се упатиле кон САД продолжуваат по својата планирана рута“, напиша Дмитриев на социјалната мрежа „Икс“ (X).
Тој реагираше на напис објавен на 4 ноември од британскиот весник „Фајненшел тајмс“, во кој се наведуваше дека договорот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин за испорака на дизел наишол на потешкотии, бидејќи два од првите три танкери го промениле курсот.
Според „Фајненшел тајмс“, танкерот „Талисман“ навлегол во Средоземното Море и се наоѓа во близина на брегот на Алжир, додека бродот „Леруо“ ја променил својата дестинација и се упатил кон Бразил.
Третиот танкер, „Агиои Фанендес“, го продолжил своето патување кон Њујорк, иако неговото конечно одредиште за истовар сè уште не е потврдено. Весникот исто така пренесува дека уште еден брод, „Бист“ – кој на 27 октомври натоварил дизел во руското пристаниште Приморск – се упатил кон брегот на САД.
Според британскиот весник, промената на курсот на два танкера фрли сомнеж врз спроведувањето на договорот меѓу Москва и Вашингтон. Како можни причини се наведуваат правни пречки и пречки поврзани со санкциите, како и претпазливоста кај американските купувачи.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека пратките со руско дизел гориво се веќе реализирани и дека горивото ќе најде купувачи. Тој нагласи дека не можат да се откријат дополнителни детали, бидејќи станува збор за комерцијални трансакции.
„Дизелот ќе си најде купувачи“, рече Песков, без да даде дополнителни информации во врска со количините, купувачите или крајните дестинации на пратките.












