Републиканскиот конгресмен Томас Маси, изјави за Си-ен-ен дека следната недела ќе иницира гласање за импичмент на американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет. Неколку републикански извори очекуваат предлогот да помине, бидејќи дел од партијата го обвинува за тешкиот пораз на изборите. Од друга страна, потпретседателот Џ. Д. Венс со изјавите што ги дава по изборниот пораз, се издигнува како можен кандидат за американски претседател на изборите во 2028 година.
Многу републикански претставници и сојузници заткулисно тврдат дека Хегсет одиграл голема улога во убедувањето на претседателот Доналд Трамп да го нападне Иран без стратегија за излез и без план за политички последици. Него, исто така, го обвинуваат дека продолжува да се залага за ескалација, иако нема знаци дека бомбардирањето го доближило Иран до предавање. Но, партиските стратези во Претставничкиот дом и во Сенатот приватно признаваат дека проблемите на републиканците одат многу подалеку од војната и ги споредуваат загубите со оние од 2008 година. Маси веќе поднесе осум тужби за импичмент против Хегсет во септември, обвинувајќи го за кршење на Законот за воени овластувања, меѓу другото.
Венс, пак, со објава на „Икс“ по изборите, отворено го кажа она што го мислат мнозинството граѓани и сака да го слушне од републикански функционер – дека војната во Иран била главната причина за тешкиот пораз. Тој оцени дека секоја сериозна дискусија за иднината на Републиканската партија мора да почне со анализа на последиците од војната и истакна и дека проблемот не е само во излезноста туку во фактот дека многу гласачи кои го поддржаа републиканското претседателско дуо во 2024 година сега гласаа за демократите. Како дополнителни причини за незадоволство кај гласачите Венс ги наведе зголемените трошоци за живот и односите на САД со Израел. Тој не пропушти и да ја искритикува економската порака на републиканците за време на кампањата, оценувајќи дека не е доволно јасна.
Неговите изјави се толкуваат и како обид да се придобие изолационистичкото крило на движењето МАГА, чии претставници го поддржаа Трамп поради неговото ветување дека САД нема да влегуваат во нови војни во странство. Но, тој сè уште не одлучил дали ќе се кандидира за претседател во 2028 година, иако се смета за еден од можните републикански кандидати. Аналитичарите велат дека поврзаноста со непопуларната војна би можела да биде проблем за сите потенцијални републикански претседателски кандидати во 2028 година, вклучувајќи ги Венс и државниот секретар Марко Рубио.












