Лазарева сабота е празник исполнет со радост и надеж, кога се сеќаваме на чудото на воскресението на светецот Лазар. Од Здружението за негување на православните традиции „Бадникови поворки“ откриваат дека пред почетокот на поворката, пред храмот „Свети Димитриј“ ќе се делат врбови гранчиња на сите учесници, а за најмладите ќе има и мало изненадување. – Исто така, ќе има и специјални колачи што се викаат лазаринки, а ќе има и млади музичари што ќе пеат песни што се наменети за овој празник, а се викаат каланди – изјави за весникот ВЕЧЕР претседателот на Здружението „Бадникови поворки“, Милан Копчаревски. Тој дополни дека поворката од плоштадот кај црквата „Свети Димитриј“, преку Камениот мост и улицата „Македонија“, ќе пристигне до црквата „Свети Константин и Елена“

По повод Лазарева сабота, на 4 април, од дворот на храмот „Свети Димитриј“ во Скопје, со почеток во 12:00 часот ќе се одржи Лазарева поворка, а во организација на Здружението за негување на православните традиции „Бадникови поворки“. Поворката ќе се движи до храмот „Свети цар Константин и царица Елена“.
Од „Бадникови поворки“ откриваат дека пред почетокот на поворката, пред храмот „Свети Димитриј“ ќе се делат врбови гранчиња на сите учесници, а за најмладите ќе има и мало изненадување.
– Исто така ќе има и специјални колачи што се викаат лазаринки, а ќе има и млади музичари што ќе пеат песни што се наменети за овој празник, а се викаат каланди – изјави за весникот ВЕЧЕР, претседателот на Здружението „Бадникови поворки“, Милан Копчаревски.
Лазаринките се, исто така, древен обичај што го прават домаќинките во пресрет на Лазарева сабота. Тоа се благи колачи, чиј состав потсетува на коливото (пченица) што се прави и принесува во спомен на упокоените. Формата го симболизира четиридневниот Лазар, упокоен и завиткан во погребни повои. Во сабота наутро, жените ги носеле лазаринките в црква и откако ќе завршела светата литургија, им раздавале колачиња на присутните, особено на децата.
Копчаревски наведе дека поворката од плоштадот кај црквата „Свети Димитриј“, преку Камениот мост и улицата „Македонија“, ќе пристигне до црквата „Свети Константин и Елена“ .
– Овде младите музичари и децата ќе ги остават врбовите гранчиња, а црквата в недела ќе им ги дели на верниците – истакна Копчаревски.
Тој рече дека во Скопје се одржуваат Лазареви поворки по трет пат, а ќе учествуваат и градовите како Охрид,Штип и Битола, каде што тие годинава ќе се одржат по прв пат. Додека во Кичево, тие веќе долги години се традиција.
Од Здружението ги покануваат сите да им се придружат во радосната поворка, како што велат, носејќи врбови гранчиња и добро расположение, продолжувајќи ја убавата традиција на нашите предци и подготвувајќи се за претстојните големи празнични денови.
Овие поворки претставуваат значаен дел од нашето богато духовно и културно наследство.
Инаку, Лазарева сабота е празник исполнет со радост и надеж, кога се сеќаваме на чудото на воскресението на Лазар.
– Во нашата традиција, Лазарева сабота се одбележува со Лазареви поворки. По ослободувањето од отоманското ропство, овој обичај почнал поорганизирано да се негува преку училиштата и црквите. Во пресрет на празникот, децата заедно со возрасните собирале врбови гранчиња и пролетни цвеќиња, а потоа, во радосни поворки, пеејќи песни за воскресението на Лазар, се упатувале кон храмовите, каде што ги принесувале овие свои дарови. Така, врбовите гранчиња се благословувале од свештениците и им се раздавале на верните како предобраз на Христовото влегување во Ерусалим на Цветници. Со цвеќињата се украсувале храмовите и домовите во знак на пролетната и благословена радост – појаснуваат од Здружението „Бадникови поворки“.
Притоа, додаваат дека до Цветници децата минувале низ маалата и ја споделувале празничната радост, додека од Велики понеделник започнувала молитвената тишина како духовна подготовка за Христовото воскресение. Лазареви поворки биле широко распространети сè до Втората светска војна и останале живо сведоштво за верата, детската чистота и радоста изразена во заедништвото.
(А. П.)












