
Прашината што ја крена претседателот на Меѓународниот одбор на фудбалски асоцијации (ФИФА), Џани Инфантино, со предлогот за продажба на дел од Светското првенство и другите натпреварувања на ФИФА на приватни инвеститори – не се смири. Имено, откако протече предлогот во јавноста или откако националните асоцијации добија писмо од Инфантино со предлогот, УЕФА веднаш реагираше. Европската фудбалска асоцијација едногласно го отфрли предлогот на Инфантино и се закани со бојкот на натпреварувањата на ФИФА доколку биде прифатен, а веднаш потоа беше одбиен и од КОНКАКАФ (Северна и Централна Америка) и од Азиската фудбалска конфедерација (АФЦ).
Соочен со голем притисок, Инфантино го повлече предлогот, но се чини дека малку задоцни или дека со овој чин си ја запечати судбината во ФИФА.
Имено, и Реал Мадрид застана на страната на УЕФА, а сега доаѓаат информации дека Фудбалската асоцијација на Велс ја повлекла својата поддршка за Инфантино за изборите што треба да се одржат следната година.
– Фудбалската асоцијација на Велс потврдува дека ја повлече својата поддршка за кандидатурата на Џани Инфантино за реизбор за претседател на ФИФА за мандатот 2027-2031.
Неодамнешните неуспеси во управувањето, процесите, лидерството, вредностите, управувањето со засегнатите страни, комуникацијата и здравата процена нè доведоа до позиција во која г. Инфантино ја загуби довербата на ФАВ да остане на чело на светскиот фудбал.
Неуспехот да се стават интересите на фудбалот пред сè е неуспех што не можеме да го прифатиме.
ФАВ ја информираше ФИФА за својот став во врска со претседателот – изјавија челниците на велшкиот фудбал во официјалното соопштение.
Значи, лавината се прошири и сè е поверојатно дека Инфантино нема да го „преживее“ обидот за продажба на фудбалот. Само за потсетување, претседателските избори на ФИФА ќе се одржат на 18 март 2027 година, во Рабат.











