Околу 500.000 садници биле произведени лани во кумановската подружница на ЈП „Национални шуми“, а ист број се планира и годинава, соопштија од подружницата.
Дел од произведените садници биле распределени во други подружници, а значаен дел бил искористен за пошумување.
Раководителката на кумановската подружница на „Национални шуми“ – Куманово, Катица Станковска-Ристовска, посочи дека расадниците во Куманово и во Свети Николе, традиционално, се меѓу најголемите во рамките на јавното претпријатие, со најобемно производство и со дополнителна обврска да обезбедуваат садници за пошумување во други региони.
Во изминатата година, подружницата активно учествувала во меѓународен проект за санација на ерозивното подрачје над браната „Липково“, каде што биле пошумени околу 56 хектари. Акцијата била реализирана со вработените на кумановската подружница.
– Успешно го завршивме проектот и добивме одлични оцени од надворешни субјекти – изјави Ристовска-Станковска.
Таа додаде дека за годинава се предвидени подготовки за есенско пошумување на опожарените површини во реонот на селото Стрезовце. Паралелно ќе се спроведуваат и контроли на претходно насадените садници за да се утврди нивната долгорочна успешност.
– Првичните процени покажуваат околу 90 проценти успешност, но потребно е време за да се утврди реалниот опстанок на садниците –посочи Ристовска-Станковска.
И покрај одреденото подобрување, како воведување автоматско наводнување, процесот на контејнерско производство на садници сè уште во голем дел се одвива рачно. Постојат машини што може значително да го забрзаат процесот и да го подобрат квалитетот на садниците.
– Се надеваме дека во наредниот период ќе се преземат чекори за модернизација – нагласи раководителката.
Експертите потенцираат дека природната обнова на шумите трае од 50 до 100 години, па пошумувањето со автохтони садници е клучна мерка за намалување на ерозијата и за ублажување на последиците од климатските промени.












