Советникот на американскиот претседател, Џаред Кушнер, денеска изјави дека Доналд Трамп е решен да стави крај на војната во Украина. Тој додаде дека Соединетите Држави посветено работат на изнаоѓање решение што би можело да донесе траен мир во Украина, во рамките на постабилно европско безбедносно опкружување, истакнувајќи дека за тоа ќе биде потребно директно вклучување и на Русија и на Европа во однос на пошироките безбедносни аранжмани.
„Се надеваме дека разговорите во Абу Даби ќе создадат услови за започнување на овој ангажман во блиска иднина, како дел од поширок мултилатерален процес. Нашата работа е фокусирана на четири меѓусебно поврзани приоритети: прекин на борбените дејствија; развивање веродостојни повоени безбедносни гаранции и аранжмани што ќе го намалат ризикот од повторно разгорување на конфликтот; подготовка на сеопфатен план за економијата и просперитетот на Украина; како и унапредување на хуманитарните мерки за ублажување на последиците од војната“, напиша Кушнер на платформата „Икс“.
Во пресрет на почетокот на дводневните трилатерални разговори во Абу Даби – во кои учествуваат САД, Украина и Русија – Кушнер изјави дека Вашингтон се надева оти, преку дискусии за повоената безбедност, економското закрепнување и механизмите потребни за спречување идни конфликти, фокусот ќе се префрли од управување со војната кон поставување темели за траен мир. Кушнер најави дека, пред трилатералната средба во Абу Даби, ќе се сретне со партнери од Украина, ЕУ, НАТО, Германија, Франција, Обединетото Кралство и Италија, со цел да се продолжи блиската координација во врска со европската безбедност и повоената иднина на Украина.
Тој изрази очекување дека дискусиите во Абу Даби ќе придонесат за изнаоѓање практични решенија и ќе доведат до следната фаза од преговорите.
„Ова е исклучително тежок и сложен конфликт. Свесни сме за тешките одлуки што претстојат и на овие разговори им пристапуваме со одлучност и реализам. Се надеваме дека ќе постигнеме значителен напредок, опипливи резултати и дека ќе помогнеме во создавањето услови за траен мир“, заклучи Кушнер. На 2 ноември, Стив Виткоф, специјалниот претставник на претседателот на САД, изјави дека трилатералните разговори меѓу Украина, САД и Русија – на ниво на работни групи – се закажани за 10 и 11 ноември во Абу Даби, Обединети Арапски Емирати.












