КУМАНОВСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК ОДГОВАРА НА ОБВИНУВАЊАТА: Максим Димитриевски: Колку повеќе лажат од СДСМ толку посилен ќе биде одговорот од ЗНАМ

255

– Целта на валканата кампања на СДСМ не сум лично јас, туку, преку мене, политичкиот субјект што е најбрзорастечка партија во Македонија, а тоа е движењето ЗНАМ – За наша Македонија – изјави партискиот лидер и актуелен градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.

Тој одговори на обвинувањата од опозициската партија СДСМ врзани за купувањето на парцелата од 1.200 квадратни метри од страна на компанијата „Лидл“, а за што на неговиот кумашин, Драган Митевски, му се исплатени 600.000 евра. Митевски претходно ја купил парцелата за 250.000 евра, од таткото и братучедот на Димитриевски. Тој рече дека заедно со неговиот тим во континуитет, со години, се цел на напад со неосновани клевети и лаги за наводни злоупотреби.

– За да биде иронијата поголема, тоа го прави СДСМ – партијата на неспособноста, криминалот и на националното предавство. СДСМ нема кредибилитет да зборува за правда. Паниката го прави своето – рече Димитриевски. Тој објасни дека земјиштето за кое го обвинуваат е сопственост на неговото семејство, кое е наследство од неговите предци, со турска тапија. Тогашната парцела изнесувала 18 илјади м2, а државата, преку денационализација, на членовите на неговото семејство им вратила само 1.200 м2 земјиште и 4.800 м2, кои се платени со државни обврзници, по цена од 800 ден/м2. Семејството на Димитриевски подолго време ја продавало парцелата за чија продажба потоа бил склучен договор со Митевски и бил земан аванс пред појавата на интересот на „Лидл“.

– Актуелниот ДУП е донесен во 2010 година, во времето на поранешниот градоначалник, Зоран Дамјановски од СДСМ. Со новиот ДУП, постојната парцела и габаритите не се менуваат. Инвеститорот, „Лидл“ МК, прави преддоговор за откуп на имотот од таа парцела во ДУП-от на 23.2.2024 година и договор за купопродажба на земјиште од 1.200м2, на 26.1.2024 година. Врз база на тој преддоговор, инвеститорот, „Лидл“ МК, на 27.2.2024 година поведува иницијатива за усогласување на номенклатурата на постојниот ДУП, согласно со новиот Закон за урбанистичко планирање од 2020 година, донесен од СДСМ. Советот на Општина Куманово донесе одлука за усвојување на нацрт ДУП-от и постапката е во тек – објасни Димитриевски. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ