Македонскиот ракометен суперлигаш РК Алкалоид, со победа го отвори настапот во Европскиот Куп, натпреварување кое го освои пред две години. Тимот од Автокоманда на домашен терен убедливо славеше над австриски Ферлах (31:22) во соочувањето во рамки на 2. коло.

Избраниците на тренерот Кирил Лазаров, иако во составот ги немаа Ненад Костески, Вуко Борозан и Валентин Карасманакис кои не беа во ростерот, упеаја да стигнат до убедлива победа на домашен терен Уште од почетокот на мечот, Алкалоид наметна свое темпо на игра, прв се одлепи на 6:2, а ривалот константно бркаше негатива.

До полувремето, македонскиот тим имаше пет гола позитива (16:11), позитива која ја држеше до самиот финиш (25:20), а потоа домаќинот влезе во супер-серија и со шест гола во низа ја запечти победата.

„Сакам да им честитам на играчите на Ферлах. Ова беше тежок меч посебно во првиот дел кога ривалот имаше добра одбрана. Во нападот исто така имаше многу трчање и од нивна страна. Го скршивме ние мечот пред крајот на вториот дел, беше пресудно тоа што бевме концентрирани до крајот, тогаш кога најмногу требаше, последните десет минути. Никој не загуби фокус и концентрација, тука беше клучот за убедливиот триумф. Но, ни следи уште еден натпревар следната седмица, мора исто да се подготвиме добро како што бевме денес. Сите да бидеме максимални, за да победиме таму. Се надевам дека ќе го повториме овој меч и на гостински терен“, изјави најефикасниот на мечот Марко Митев.

Митев постигна седум гола, пред Никола Костески со шест гола, додека Монси Тордарсон запиша пет гола. Кај Ферлах, Тони Перкушиќ имаше седум гола. Вториот дуел меѓу Алкалоид и Ферлах во Виена ќе се одигра на 24 октомври.

Другиот наш претставник во ова натпреварување Бутел Скопје ќе брка негатива на реваншот, откао загуби на првиот натпревар од 2. рунда ГРК Горица (24:27).

Најдобар стрелец кај победникот беше Хрвоје Цековиќ со пет гола, додека Јаков Нералиќ погоди четири пати, додека кај Бутел Скопје, се истакнаа Субашевски, Стаменковиќ и Николовски, тројцата имаа по четири гола. Реваншот меѓу Бутел Скопје и ГРК Горица ќе се одигра во Скопје на 24 октомври.

ИЗДВОЕНИ