сабота, октомври 17, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Што се продавало во месарниците во Охрид и Струга? АХВ заплени еден...

Што се продавало во месарниците во Охрид и Струга? АХВ заплени еден тон забранет пилешки желудник, се користел во плескавици и ќебапи

0

Инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) заплениле и уништиле еден тон пилешки желудник во месарници во Охрид и Струга, чиј увоз и употреба во производството на месни производи се забранети. Дополнително се уништени 55 килограми месни подготовки во кои била користена оваа суровина, а против две месарници се преземени прекршочни мерки.

Од АХВ информираат дека вонредните инспекциски контроли биле спроведени во рамките на засилениот надзор врз прометот со храна од животинско потекло, со цел спречување незаконски активности и заштита на здравјето на потрошувачите.

При контролите биле пронајдени вкупно 1.000 килограми пилешки желудник и 55 килограми месни подготовки во кои бил употребен овој производ. Целата количина е запленета и уништена.

Против двете месарници кои не ја почитувале забраната се преземени соодветни прекршочни мерки.

Агенцијата потсетува дека уште во јули 2024 година донела решение за забрана за увоз и употреба на пилешки желудник наменет за човечка исхрана во производството на подготовки и производи од месо.

Забраната била воведена по спроведена анализа на ризик, која укажала на потенцијални опасности по здравјето на потрошувачите од употребата на мускулниот дел од желудникот на живината.

Меѓу утврдените ризици се можната контаминација со патогени бактерии и вируси, како и присуството на токсини.

Од АХВ посочуваат дека при претходните инспекциски контроли биле откриени и случаи на злоупотреба и измама на потрошувачите од страна на неколку месни индустрии, што дополнително влијаело врз одлуката за забрана.

Според прописите, пилешкиот желудник не смее да се користи во производството на мелено месо и месни подготовки, како што се плескавици и ќебапи.

Од Агенцијата нагласуваат дека засилените контроли продолжуваат со цел да се спречи нелегалната употреба на забранети суровини во производството и продажбата на храна.

Засега не се соопштени имињата на месарниците во кои биле откриени неправилностите, ниту висината на прекршочните санкции.

ИЗДВОЕНИ