Грчката влада потврди дека забраната за користење социјални мрежи за деца помлади од 15 години ќе стапи на сила на 1 јануари 2027 година. Новите мерки во директен пренос на каналот ЕРТ Њуз (ERT News) ги претставија државниот министер Акис Скерцос, министерот за здравство Адонис Георгиадис и министерот за дигитална управа и вештачка интелигенција Димитрис Папастергиу, пренесува БТА.
Се очекува за законскиот предлог со кој се воведуваат овие ограничувања да се гласа во грчкиот парламент на 22 октомври, како што беше најавено на прес-конференцијата одржана во понеделник.
Законскиот предлог предвидува забрана за пристап до социјалните мрежи – како Фејсбук (Facebook), Тик-Ток (TikTok) и Икс (X), како и други платформи кои користат алгоритми осмислени да поттикнат долготрајно конзумирање дигитална содржина – за деца помлади од 15 години.
Скерцос изјави дека Грција настојува да ги спроведе овие ограничувања во целосна согласност со европското законодавство. Тој нагласи дека одговорноста за заштита на децата на интернет не треба да почива исклучиво на родителите, туку треба да ја делат технолошките компании и државата. Наведувајќи ја Австралија како пример за земја која преземала слични мерки, истакна дека Грција мора да го усогласи своето национално законодавство со правилата на ЕУ.
Георгиадис претстави податоци кои покажуваат дека повеќе од половина од грчките ученици од повисоките одделенија на основното училиште почнале да користат социјални мрежи на возраст помеѓу 10 и 12 години. Според резултатите од истражувањето, секој четврти ученик признава дека прекумерно ги користи социјалните мрежи, а секое петто дете чувствува анксиозност, несигурност или тешкотии со концентрацијата кога нема пристап до паметен телефон.
Забраната уште во април ја најави премиерот Киријакос Мицотакис, а првично се очекуваше законските измени да бидат усвоени во текот на летото.












