петок, јули 3, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Комплетно ќе се обноват 26 спортски терени и ќе се набават електрични...

Комплетно ќе се обноват 26 спортски терени и ќе се набават електрични велосипеди

1

Општина Битола, во соработка со Владата, реализира голем проект за обнова на сите спортски терени во училишните дворови.

На денешната средба со новинарите, градоначалникот на Општина Битола информираше дека на десет локации се градат 26 спортски игралишта со комплетна опрема, тартан подлога, заштита, оградување и осветлување.

– Спортските терени што биле градени во минатиот век, сега ќе бидат целосно со нова спортска опрема и тоа ќе овозможи враќање на спортот како активност, но и одвојување на децата од мобилните телефони, во замена за спортски дух и физичка активност. Овој проект во најголем дел е завршен, а дел од проектите се реализираат затоа што имаме обезбедени средства. Важно е да се истакне дека кај дел од училиштата ќе има и спортски сали што ќе се наоѓаат во урбаниот и руралниот дел на Општината – нагласи Коњановски.

Воедно, беше најавено дека наскоро ќе биде пуштена во употреба новата детска градинка кај ОУ „Свети Климент Охридски“.

– Објектот е комплетно опремен, обезбеден е потребниот персонал и во моментов се чека уште формалната согласност од надлежните органи за прием на децата – нагласија од локалната самоуправа.

На денешната средба на Коњановски и секретарот на Општина Битола, Борче Димитровски, со новинарите беше истакнато и тоа дека во рамките на програмата за животна средина се обезбедени 4,8 милиони денари за набавка на електрични велосипеди.

– На овој начин ја потврдуваме тенденцијата Битола да стане вистински велоград за што изградивме велосипедски патеки. Новите електрични велосипеди ќе се користат на принципот на изнајмување, преку апликација, со симболични цени, на изградени велосипедски патеки. На неколку пункта граѓаните ќе имаат возможност да изнајмуваат велосипеди од сите страни на градот, помалку да користат возила, а повеќе велосипеди и тие да придонесуваат за заштитата на животната средина – изјави Коњановски.

ИЗДВОЕНИ