Во Скопје се одржува дводневен тренинг „Интелектуална сопственост за новинари: разбирање и комуницирање на теми од областа на интелектуалната сопственост – денови на медиумска писменост 2026“. Новинарите се запознаваат со правата од интелектуалната сопственост, институционалната рамка во Македонија и со европските стандарди, со акцент на авторските права во новинарството, заштитата на медиумските содржини и предизвиците од вештачката интелигенција.
Настанот денеска го отвори заменик-директорката на Државниот завод за интелектуална сопственост (ДЗИС), Јелена Пеева, која истакна дека целта е приближување на европските знаења и политики и зајакнување на институционалните капацитети. Таа посочи дека Македонија го усогласува домашното законодавство со европското во рамките на поглавјето 7.
Предавачката Енфил Манусу од Грција, специјалистка за интелектуална сопственост во Опсерваторијата на EUIPO, говореше за поврзаноста меѓу интелектуалната сопственост, економскиот раст и иновациите. Таа ги претстави улогата на патентите во технолошкиот развој и значењето на трговските марки за компаниите и за потрошувачите.

Според презентираните податоци, индустриите што интензивно користат права од интелектуалната сопственост создаваат 47,9 % од економската активност во Европската Унија, односно 7,7 трилиони евра. Компаниите што поседуваат вакви права остваруваат 23,8 % поголем приход по вработен, а кај малите и кај средните претпријатија разликата достигнува 44 %. Поседувањето портфолио на права ја зголемува и можноста за привлекување инвеститори.
Манусу предупреди за опасностите од фалсификување, нагласувајќи дека храната и пијалаците се меѓу најголемите ризици на европските граници. Таа порача дека потрошувачите треба да купуваат од легални продавници, бидејќи фалсификаторите не водат сметка за нивната безбедност. Беа презентирани и процени за милијардите евра годишни загуби во ЕУ поради фалсификувањето облека, чанти и накит.
Професорката Неда Здравева, експертка за интелектуална сопственост, зборуваше за усогласувањето на македонското законодавство со европското. Таа рече дека правната рамка во земјава е обемна, но дека најголем предизвик останува спроведувањето. Според неа, трговските марки и индустриските дизајни на ЕУ засега не важат директно во Македонија, а нивната примена ќе се уреди во пристапниот процес.
Здравева објасни дека европските правила се земаат предвид преку обврските од Договорот за стабилизација и асоцијација, но немаат директна примена без усогласување на националните прописи. Таа посочи и дека во Министерството за култура нема функционален сектор за авторско право откако вработените во оваа област заминале во пензија.
Тренингот опфаќа вежби, дискусии и размена на искуства со експерти. Целта е учесниците да препознаваат теми од оваа област, да ги претворат во новинарски приказни и да известуваат за нив на разбирлив начин. Организатори се Државниот завод за индустриска сопственост (ДЗИС) и Канцеларијата на Европската Унија за интелектуална сопственост (EUIPO), во рамките на проектот „EU4IP-WB6+Moldova“, поддржан од Европската Унија.
(С. Бл.)












