Страв за здравјето постои меѓу жителите на скопските населби каде што е прогласена епидемија од западнонилска треска. На терен почнаа вонредни акции за уништување на ларвите од комарци, особено во каналите и местата со застоена вода. Денеска теренски ќе се прска против возрасни комарци на влажните места каде има услови за размножување.

Жителите на околината на Драчево пак, стравуваат дека проблемот нема да се реши само со прскањето.
„Прво треба да се лоцира проблемот, а тоа се тигрестите комарци кои летаат многу ниско. Тоа значи дека авионското прскање не помага многу, туку треба улично прскање ноќе, кога луѓето спијат и нема никој по улиците“, вели жител од погоденото подрачје.
Дополнителна загриженост предизвикуваат каналите долж патот Маџари-Трубарево-Јурумлери-Идризово-Петровец. Според жителите, каналите повторно се обраснати и затнати, а во нив има стоечка вода.
„Патот од правецот Маџари-Трубарево-Јурумлери-Идризово-Петровец е со канали од двете страни на патот. Таму ќе почнат и змии да се котат. За комарци да не зборуваме. Минатата година го чистеа со багери и помислив ќе стават бетонски цевки и ќе го покријат каналот. Ништо од тоа. Една година денес, каналите се повторно обраснати, затнати. Вода стои, зелена, комарци до небо“, сведочи жител од населбата.
Најмногу заболени во Кисела Вода и Гази Баба
Од ИЈЗ во најновиот неделен извештај потврдуваат дека најмногу случаи има токму во Скопскиот регион, со најмногу заболени во Кисела Вода, особено во Драчево, и во Гази Баба, особено во руралните средини. Според Институтот, зголемениот број случаи покажува дека вирусот се шири во погодените подрачја. Најголемиот број случаи се регистрирани во Кисела Вода – 11, Гази Баба – 6, Аеродром – 1 и Бутел – 1.

Но, мапата на веројатната изложеност покажува дека случаи има и во околните општини – Илинден, Зелениково, Петровец и Сопиште, како и во Велес и Долнени. ИЈЗ појаснува дека тоа се места каде што најверојатно биле изложени на комарци, но не значи дека таму сигурно се заразиле. Заклучно со 11 август, во земјава се регистрирани 26 случаи на западнонилска треска, од кои 24 се потврдени, а два се водат како веројатни. Дваесет и пет случаи се од Скопје, а еден од Велес. Кај 22 заболени станува збор за лица постари од 60 години, а сите регистрирани случаи имале невроинвазивна форма на болеста и биле хоспитализирани.
ИЈЗ предвидува општините редовно да прскаат против комарци, и против ларвите и против возрасните комарци. Дополнително, треба да се прска и во подрачјата каде што ќе бидат регистрирани случаи.
Каде е границата на епидемијата во Скопје?
Во меѓувреме, СДСМ побара формирање Национален оперативен штаб, национална GIS карта на епидемијата и ризикот, засилен ентомолошки надзор, тестирање на комарците за западнонилски вирус, мапирање и уништување на местата за размножување и јавен дневен извештај за состојбата. Од опозициската партија прашуваат и зошто јавноста нема информации дали овие механизми се спроведуваат
– Зошто епидемија е прогласена само во неколку општини, а не во целата градска целина на Скопје, кој е целосно поврзан град, дали постои национална карта на ризик и мапа на местата каде што се размножуваат комарците, дали е направена проценка на ефектот од прскањето и поврзување на здравствените, климатските и ветеринарните податоци?“ — праша Кети Штерјова од СДСМ.
Во својот извештај ИЈЗ наведува дека систематскиот и раниот епидемиолошки надзор, програмите за контрола на комарци и личната заштита од убоди се меѓу најсоодветните мерки за контрола на западнонилската треска. Институтот исто така предупредува дека циркулацијата на вирусот и неговата географска дистрибуција не можат однапред да се предвидат. (П. А.)












